Адресата на која ќе биде регистрирана партијата, како што објави „Фокус“, е на местото каде што се наоѓаат фирми на нејзиниот соработник Драган Митковски, кој, како што објавија дел од медиумите, бил близок и до поранешниот премиер и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски
Ваквите наводи на својот официјален фејсбук-профил ги демантира експремиерот Груевски, велејќи оти Митковски никогаш не му бил ниту формален ниту неформален советник. Вели дека нема никаква комуникација и поврзаност ниту со него ниту со Арсовска
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, почнува да собира потписи за формирање политичка партија, објави „Фокус“. Неофицијално, партијата ќе го носи името „Правда“, а седиштето ќе биде на улица „Ѓорче Петров“ бр. 49 во Општина Ѓорче Петров.
Оваа адреса, како што додаваат од „Фокус“, според податоци од Централен регистар, е на местото каде што се наоѓаат фирми на нејзиниот соработник Драган Митковски.
Дел од медиумите објавија дека Митковски бил близок до поранешниот премиер и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Ваквите наводи во медиумите вечерва на својот официјален фејсбук-профил ги демантира експремиерот, а сега бегалец во Унгарија, Груевски, велејќи оти Митковски никогаш не му бил ниту формален ниту неформален советник. Со Митковски, како што вели Груевски, живееле во исто маало во детските и во тинејџерските денови, по што, како што додава, околу две децении немал ни случајна средба со него.
„Информацијата за собирањето потписи за партијата на Данела Арсовска ја добив од медиумите и немам никаква комуникација, поврзаност или соработка со кој било од двајцата. Ова е демант на објавите на некои портали кои видливо е дека имаат намера да направат конструкција очигледно излезена од една партиска кујна“,
пишува Грувски на Фејсбук.
Заедничките фотографии со Митковски, кои ги објавија дел од медиумите, поранешниот премиер вели дека се направени на зеднички собири со останатите соседи од истото маало, а повеќето од нив, според него, се одамна иселени оттаму.
„Со Данела Арсовска, пак, како што еднаш објавив, сум имал отприлика 6-7 службени средби во време кога таа беше претседател на ССК, а јас премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Оттогаш, ниту имам комуникација со неа, ниту каква било соработка или поврзаност со политичките активности и планови на Данела Арсовска и Драги Митковски, ниту, пак, тие се обиделе да побараат нешто такво“,
додава Груевски.
Експремиерот Никола Груевски деновиве е во фокусот на јавноста откако Собранието ги усвои измените на Кривичниот законик кои, меѓу останатото, предвидуваат намалување на казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување. Со ваквите измени, во дел од актуелните судски предмети кои се познати во јавноста, целосно ќе прекине кривичниот прогон, а во дел постапките ќе продолжат за преостанатите кривични дела. На пример, се очекува да паднат во вода ТНТ, „Траекторија“, „Титаник 2“, „Талир“… Во „Титаник“ на Груевски ќе му застари „злосторничкото здружување“, но не и делата поврзани со изборни нерегуларности.
По усвојувањето на измените на Кривичниот законик, експремиерот Груевски се огласи на својот фејсбук-профил велејќи дека измените имаат минорно учество во предметите во кои е тој осуден. Порача дека кај многумина постои страв од запирање на прогонот против него и, како што рече, има и причина за тоа.