За нови копретседатели на ВМРО-БНД се избрани Ангел Џамбазки, Искрен Веселинов и Александар Сиди

Партијата ВМРО-БНД денеска на вонреден конгрес во Софија со 303 гласа „за“, ниту еден глас „против“ и ниту еден воздржан, избра ново раководството на партијата.
На отворањето на конгресот воведно излагање имаше Каракачанов кој се осврна на учеството на ВМРО во минатата влада со премиерот Бојко Борисов и рече дека „благодарение на цврстата позиција на ВМРО, не е направен пробив во односите со Северна Македонија“.
За нови копретседатели на ВМРО-БНД се избрани Ангел Џамбазки, Искрен Веселинов и Александар Сиди, соопшти прес-центарот на партијата, додека Каракачанов останува во ВМРО како почесен претседател.
Ангел Џамбазки е европратеник во втор мандат и заменик-претседател на ВМРО. Искрен Веселинов е актуелен заменик-претседател и претседател на пратеничката група во Народното собрание. Александар Сиди е поранешен член на националното раководство и исто така пратеник во Парламентот.
За генерален секретар на ВМРО со 306 гласа „за“ е избран досегашниот организационен секретар и пратеник во Собранието, Јулијан Ангелов.