„Овие две жени, заради знаењето а и заради храброста, сигурно дека ќе внесат промени“, вели шефицата на државата за Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека не е во можност секогаш да ги следи седниците на Судскиот совет, но е во контакт со членките на ова тело избрани на нејзин предлог. Со Сузана Јошевска-Анастасовска остварила и средба. За неа вели оти ја охрабрува да биде непослушна, да внесе нова енергија и реформи во работата на Советот и оти ја доживува како брилијантна студентка.
Таа вели дека Јошевска-Анастасовска внела свежина во работата на Судскиот совет, додека пак за втората членка што дојде на нејзин предлог, Арлинда Кадри-Шахиновиќ, вели оти се слуша и со неа и оти ја радува фактот што таа работи на правилникот за заштита од влијанија.
„Се однесува на заштита на судиите, како Судскиот совет може не само дисциплински да ги санкционира, да ги бира и разрешува судиите, туку и да ги штити од можни влијанија однадвор. И мислам дека е тоа нешто исто што е ново и се надевам дека тоа ќе биде охрабрено и прифатено. Така што од она што го гледам, мислам дека свеж воздух влезе во Судскиот совет и дека овие две жени, заради знаењето а и заради храброста, сигурно дека ќе внесат промени“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа додава дека ги поттикнува и охрабрува промените, особено во делот на почестите заседавања и оти нејзината најголема забелешка како пратеник на извештаите од Судскиот совет било оти доколку телото се состанува двапати или трипати во месецот и доколку нема добра логистичка поддршка, тогаш нема да има ниту поволни резултати.
„Значи да го сфатат тоа како многу сериозна работа. Тие се микроскоп, рентген, заштитник на судството и после скандалите со овој орган, време е за реформи“,
порача таа.
