„Таравари не само што не исполни ниту едно од ветувањата туку не дава никаква политичка одговорност. Двата гигантски резервоари што ги вети и во 2022 година за решавање на проблемот со водата за пиење, донација од Швајцарија, исто така не беа направени“, пишува во партиското соопштение
Од владејачката партија Влен денеска соопштија дека не се исполнети ветувањата што Арбен Таравари ги давал додека бил градоначалник на Општина Гостивар дека ќе го реши проблемот со водоснабдувањето во градот за следните 100 години.
Оттаму посочуваат на различни ставови што Таравари ги имал како опозиционер и неговото постапување додека бил на функцијата градоначалник.

Во соопштението се наведува дека Таравари, додека бил во опозиција, ја обвинувал тогашната власт дека со негрижа ги труе граѓаните, а по преземањето на функцијата градоначалник на Гостивар изјавил дека проблемот со водоснабдувањето ќе биде решен за следните 100 години.
„Денес, кога одговорноста паѓа на администрацијата што ја водеше, Таравари не само што не исполни ниту едно од ветувањата, туку не дава никаква политичка одговорност. Двата гигантски резервоари што ги вети и во 2022 година за решавање на проблемот со водата за пиење, донација од Швајцарија, исто така не беа направени“,
велат од партијата.
Оттаму прашуваат каде завршиле седумте милиони евра швајцарска помош наменети за решавање на проблемот со водоснабдувањето во Гостивар.
„Другото прашање; Дали случајот со водата во Гостивар излегува како случајот со канализацијата во Зајаз?“,
прашуваат од Влен.
Според партијата, стандардите не треба да се менуваат во зависност од политичката позиција и бараат одговорност и транспарентност за состојбата со водоснабдувањето.
„Иронијата е голема. Зборовите што некогаш Таравари им ги упати на своите политички противници денес се јасен одраз на неговиот неуспех. Стандардите не можат да се менуваат според политичкиот интерес. Ако во 2017 година секое сомневање беше причина за сериозни обвинувања, денес фактите ја прават ситуацијата уште поалармантна“,
се додава во партиското соопштение.
Партијата бара целосна одговорност од сите функционери што не успеале да го заштитат јавното здравје, како и целосно расчистување на случајот.
„Никој не може да се крие зад својата позиција, партија или молчење. Арбен Таравари мора да им одговори на граѓаните на Гостивар со истиот стандард што го бараше од другите. Бидејќи одговорноста не е слоган за опозицијата, таа е обврска и кога се води локалната самоуправа“,
велат од Влен.
Минатиот месец од Влен соопштија дека поранешната власт на Демократската унија за интеграција (ДУИ) не успеала да обезбеди канализациски систем во Зајас и покрај долгогодишното управување со институциите и значителните финансиски ресурси.
Според најновите резултати од анализите на мострите што ги направи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), водата од водоводната мрежа во Гостивар во моментов е неисправна за пиење и за техничка употреба.
Во таа насока, се апелира до граѓаните строго да ги почитуваат препораките на надлежните институции и до понатамошно известување да не ја користат водата од водоводната мрежа.
