ДУИ која повеќе од 20 години имаше пет министри за правда од своите редови, никогаш не го реши овој проблем. Денес тие пролеваат „крокодилски солзи“ и излегуваат во одбрана, но документите зборуваат јасно: овој проблем го носи печатот на Талат Џафери и нивната политика, велат од ВЛЕН
Документот од 27 август 2019 година, потпишан од Талат Џафери, е јасен доказ дека проблемот околу полагањето на правосудниот испит не е случајност, туку последица на негрижа и политичкo предавство, велат од ВЛЕН. Го обвинуваат Џафери дека како претседател на парламентот, тогаш не побарал усогласување на законот за правосудниот испит со одредбите за албанскиот јазик.
„Уште поразочарувачки е фактот што овој закон беше изгласан со Бадентер, односно и со гласовите на пратениците Албанци од тој состав, кои имаа национална обврска да бараат испитот да се полага и на албански јазик. Тие го изгласаа законот, оставајќи денес стотици албански студенти да ги трпат последиците од една двојна неправда“,
се наведува во соопштението од ВЛЕН.
Од ВЛЕН го објавија и заклучокот на предлог-законот за правосуден испит од 2019 година , потпишан од тогашниот собраниски спикер Џафери, посочувајќи дека тој го прогласил законот за прифатлив, исклучувајќи го албанскиот јазик од испитот.

„ДУИ, која повеќе од 20 години имаше пет министри за правда од своите редови, никогаш не го реши овој проблем. Денес тие пролеваат „крокодилски солзи“ и излегуваат во одбрана, но документите зборуваат јасно: овој проблем го носи печатот на Талат Џафери и нивната политика“,
додаваат од ВЛЕН.
Прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик предизвика реакции во јавноста на почетокот на февруари кога група студенти доставија петиција до Министерството за правда. Министерот Игор Филков тогаш порача дека нема уставна основа и дека полагањето на правосудниот испит на македонски јазик е во директна функција на проверка на јазичната и стручната подготвеност, имајќи предвид дека сите постапки, одлуки и службени акти во правосудниот систем примарно се водат и донесуваат на македонски јазик и кирилско писмо, согласно Уставот и законите.
Од ДУИ поднесоа кривична пријава против Филков обвинувајќи го за прекршувања на Уставот и законите. Пријавата, како што порачаа, се однесува за попречување на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците.
Темата околу можноста за полагање на правосудниот испит на албански јазик предизвика тензии и во владината коалиција меѓу ЗНАМ и ВЛЕН, откако вицепремиерот Беким Сали јавно го поддржа барањето на студентите и вети дека ќе биде реализирано.
На 6 април во Скопје се одржа протест на кој студентите го изразија своето незадоволство поради неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците и неможноста за полагање на правосудниот испит на лабански јазик.
