Вучиќ и Курти се очекува да ги претстават нивните црвени линии, а меѓународната заедница, пак, очекува да има исчекор кон конечен договор. За конечен договор, посредниците посочуваат оти ќе бидат потребни значајни отстапки и болни компромиси за двете страни
По тензиите кои доминираа во односите помеѓу Србија и Косово изминатиот период, но и во период на засилен меѓународен ангажман за затворање на отворените прашања помеѓу двете држави, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти утре ќе одржат средба во Брисел.
На маса се очекува да биде европскиот предлог за нормализирање на односите, познат во јавноста и како француско-германски предлог.
Вучиќ во пресрет на средбата рекол дека очекува тежок состанок, но оти Србија е приврзана за мирот и стабилноста во регионот, па во тој контекст е подготвен да работи за концептот и спроведувањето на европскиот план со јасно дефинирани ограничувања.
Ова тој го кажал во телефонски разговор со специјалниот советник во Стејт департментот, Дерек Шоле, кој му рекол дека очекува утрешниот состанок да биде конструктивен и да има очигледен исчекор кон конечен договор.
Американскиот дипломат разговараше и со Курти, за што од косовската влада информираа вчера. И косовскиот премиер, според соопштението издадено од Владата, рекол дека го прифаќа европскиот предлог, односно план, како добра основа за натамошните разговори.
ЕУ и САД, пак, во пресрет на состанокот порачаа дека очекуваат Белград и Приштина начелно да го прифатат европскиот предлог како појдовна точка за целосно и правно-обврзувачко решавање на односите меѓу двете страни. Паралелно со тоа да се формира и Заедница на српски општини (ЗСО) во Косово.
Телевизијата Н1 пренесува дека официјални лица во Брисел, упатени во дијалогот меѓу Србија и Косово, на новинарите зад затворени врати им рекле дека Вучиќ и Курти во пресрет на средбата јасно посочиле дека ќе ги предочат нивните црвени линии и услови во врска со европскиот предлог.
Од своја страна, европските посредници уверуваат дека и ЕУ и САД го имаат тоа предвид и оти токму европскиот односно француско-германски предлог нуди решенија за тоа. Вашингтон, пак, истакнал дека конечниот договор ќе значи и значајни отстапки и болни компромиси за двете страни.
Во однос на црвените линии, српските медиуми пишуваат дека Вучиќ ќе наведе оти Србија никогаш нема да го признае Косово ниту, пак, да се согласи на негов влез во Обединетите нации. Исто така, Белград ќе бара веднаш да се започне со формирање на ЗСО според она што е предвидено со бриселските договори од 2013 и 2015 година.
Косовскиот премиер Албин Курти начелно прифати да се разговара за ЗСО, но инсистира да се усвојат забелешките што за тоа ги даде Уставниот суд на Косово. Една од неговите црвени линии се очекува да биде и заемно признавање и реципроцитет со Белград.