Целиот отпор во моментот е од дневнополитички мотиви за да се предизвикаат предвремени избори и да се преземе власта, а не да се најде решение. Граѓаните немаат време за политичко-партиски калкулации, вели Груби
Изборите не се излез и не се решение, смета првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби одговарајќи на новинарско прашање што доколку власта не обезбеди 80 пратеници кои ќе ги гласаат уставните измени. Тој вели дека в петок во Собранието ќе се отвори дебатата за уставните измени и кажа дека работат и со ВМРО-ДПМНЕ и со поединци во таа партија за, како што посочи, и „тие да станат дел од градењето на иднината за нашите граѓани“.
„Работиме на обезбедување и на повеќе од 80 пратеници кои ќе ги поддржат уставните измени“,
рече Груби во изјава за медиуми на „Саемот за вработување“ во организација на конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој ги гради коридорите 8 и 10-д.
Според Груби, единствено решение кое е добро за сите граѓани, за целата држава, за цел регион е да се пристапи кон уставните измени и да ги поддржиме консензуално и СДСМ, и ДУИ, и Алијанса за Албанците, и ВМРО-ДПМНЕ и сите други политички партии кои се дел од нашето Собрание, додаде Груби.
„Се виде дека уставните измени се технички, дека не задираат воопшто во македонскиот идентитет, дека не задираат воопшто во македонскиот јазик и дека од уставните измени нема да види никој ништо лошо. Се гледа од текстот, којшто беше усвоен од Владата и предложен до Собранието, немаше апсолутно ниту една единствена критика ниту од академската ниту од политичката јавност во нашата земја. Целиот отпор во моментот е од дневнополитички мотиви за да се предизвикаат предвремени избори и да се преземе власта, а не да се најде решение. Граѓаните немаат време за политичко-партиски калкулации“,
рече Груби.
Собранието в петок и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата е закажана со почеток во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени.
На два дена пред отворањето на дебатата за уставните измени, денеска од ВМРО-ДПМНЕ го повторија нивниот став дека измени на Уставот во ваков формат и под бугарски диктат не се можни и нема да ги поддржат.
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, седницата в петок ќе биде добра можност целата македонска јавност да се увери дека власта лажела цела година дека има мнозинство за уставни измени.
Денеска, преку објава на својот официјален фејсбук-профил, министерот за надворешни работи Бујар Османи повика да „не дозволиме да се дефокусираме и дезоринетираме, туку да го зачуваме курсот и родителската грижа за идните генерации“.
Османи во објавата наведува дека станува збор за почетокот на еден од најважните процеси за обезбедување сигурна и просперитетна европска иднина за граѓаните на С Македонија.
Уставните измени, со кои Бугарите треба да влезат во Преамбулата на Уставот, се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција меѓу С Македонија и Европската Унија, во рамките на преговорите за членство во Унијата, што земјава ги почна лани во јули.
За потребата од донесување на уставните измени, како еден од првите чекори за отворање на Уставот, потребно е двотретинско мнозинство, односно гласовите на 80 пратеници, кои владејачкото мнозинство засега ги нема, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму цврсто останува на ставот дека нема да поддржи „уставни измени под бугарски диктат“.
Предлог-иницијативата на Владата за измени на Уставот на 25 јули го помина првиот собраниски филтер. Комисијата за уставни прашања тогаш со 10 гласа „за“ и седум „против“ го изгласа предлогот за пристапување кон измена на Уставот.
Со предлог-иницијативата што ја усвои Владата и ја достави до Собранието, се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Покрај ова, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите и наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието – Македонци и Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.