Шефот на македонската дипломатија во објавата на Фејсбук наведува дека станува збор за почетокот на еден од најважните процеси за обезбедување сигурна и просперитетна европска иднина за граѓаните на С Македонија
На два дена пред закажната пленарна седница на Собранието за уставните измени, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи преку објава на неговиот фејсбук-профил повика да „не дозволиме да се дефокусираме и дезоринетираме, туку да го зачуваме курсот и родителската грижа за идните генерации“.
Османи во објавата наведува дека станува збор за почетокот на еден од најважните процеси за обезбедување сигурна и просперитетна европска иднина за граѓаните на С Македонија.
„Нè делат само два дена од почетокот на еден од најважните процеси за обезбедување на сигурна и просперитетна европска иднина за нашите граѓани, собраниската седница за уставни измени… Затоа, ве повикувам да не дозволите да се дефокусираме сега, кога сме во финале, и да се дезориентираме, туку да го зачуваме курсот и родителската одговорност кон иднините генерации. Сега е моментот“,
напиша министерот за внатрешни работи на Фејсбук.
Тој потсетува и на посетите на претставниците на пријателските и сојузнички земји, кои, како што вели, доаѓаа во земјава да нè охрабрат да се фокусираме на овој предизвик.
„Со месеци, пријатели и министри од целиот свет доаѓаат да нè охрабрат со пријателски совети да се фокусираме на овој предизвик и да ја надминеме оваа последна формална пречка пред да го отвориме огромниот хоризонт на преговарачки поглавја“,
вели Османи во објавата.
Пленарната седница на Собранието на С Македонија е закажана за 18 август и на неа треба да почне расправата за амандманите за уставните измени. Измените, со кои Бугарите треба да влезат во Преамбулата на Уставот, се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција меѓу С Македонија и Европската Унија, во рамките на преговорите за членство во Унијата, што земјава ги почна лани во јули.
За потребата од донесување на уставните измени, како еден од првите чекори за отворање на Уставот, потребно е двотретинско мнозинство, односно гласовите на 80 пратеници, кои владејачкото мнозинство засега ги нема, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму цврсто останува на ставот дека нема да поддржи „уставни измени под бугарски диктат“.
Предлог-иницијативата на Владата за измени на Уставот на 25 јули го помина првиот собраниски филтер. Комисијата за уставни прашања тогаш со 10 гласа „за“ и седум „против“ го изгласа предлогот за пристапување кон измена на Уставот. Иако, расправата во Комисијата беше предвидено да трае 10 дена, таа заврши за околу два часа, откако членовите на комисиското тело од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се повлекоа од понатамошна дискусија.
Со предлог-иницијативата што ја усвои Владата и ја достави до Собранието, се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Покрај ова, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите и наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието – Македонци и Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.