ДУИ влегува во финалната рунда со предност во Тетово наспроти Беса, и во Арачиново и во Долнени наспроти СДСМ, додека во Шуто Оризари ќе има дуел на СДСМ со ДОМ/ЛДП
ДОМ/ЛДП имаат повеќе гласови од СДСМ на советничките листи за Долнени и за Шуто Оризари
Во најмалку четири општини во земјава во вториот круг ќе има директно соочување меѓу кандидатите за градоначалници предложени од партии кои се дел од владејачката коалиција на централно ниво.
Изборна реприза во Тетово
Еден од најинтересните дуели во вториот круг се очекува да се одигра во Тетово, каде што, всушност, има изборна реприза од вториот круг од изборите во 2017 година, од аспект на тоа што повторно се соочуваат меѓу себе досегашната градоначалничка Теута Арифи и претседателот на Беса Билал Касами. Разликата е во тоа што, за разлика од 2017 година, кога Касами беше опозиционер, сега е коалициски партнер на СДСМ. Односно Беса и СДСМ настапија заеднички на ланските парламентарни избори, на кои партијата на Касами освои четири пратенички места.
ДУИ и СДСМ, пак, и тогаш, како и сега, се партнери во Владата и договорија меѓусебна соработка на овие локални избори, по чиј прв круг Арифи влегува како прворангирана во втората рунда, со 642 гласа пред Касами. Ваквиот заплет го става во незгодна позиција СДСМ, чие гласачко тело во Тетово, практично, сега ќе се најде во позиција да избира меѓу двајцата кандидати на партнерските партии.
Од друга страна, прашање е дали гласовите на СДСМ може да бидат одлучувачки во вториот круг. Кандидатот на главната владејачка партија за тетовски градоначалник Хамдија Елезовиќ, иако освои над 2,3 илјади гласа, што е многу повеќе од разликата со која Арифи и Касами влегуваат во вториот круг, неговиот резултат е значително поскромен од оној на кандидатот на Алијанса/Алтернатива, кој всушност беше поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ. Поточно, Вулнет Мурсел освои над 6,1 илјади гласа, а подобро од СДСМ помина и кандидатот на ДПА, Сади Беџети, со над 3,8 илјади гласа.
Освен тоа, ВМРО-ДПМНЕ нема значителна предност пред СДСМ, според бројот на гласови за советници во Тетово. Додека од друга страна, во овој дел салдото на Алијанса/Алтернатива е „потенко“ во споредба со освоените гласови за градоначалничкиот кандидат.
ДУИ „се враќа“ во Арачиново
За разлика од 2017 година, кога СДСМ првпат однесе победа во Арачиново, и тоа уште во првиот круг, овој пат ДУИ си ја поврати предноста во оваа општина, наспроти досегашната градоначалничка од редовите на главната владејачка партија.
Досегашната градоачалничка Милкије Халими влегува во вториот круг како второпласирана, односно заостанува со 263 гласа пред кандидатот на ДУИ, Ридван Ибраими. Сепак, тоа е разлика што лесно може да биде зголемена или нарушена, со оглед на тоа што третиот кандидат (од Алијанса/Алтернатива), кој отпадна од трката, има над 700 гласа.
Исто така, ако се погледне распоредот на гласови за новиот Совет на Арачиново, за каде што владејачката Беса освоила 315 гласа, а СДСМ има помалку гласови од ДУИ, впечатокот е дека гласачите на партијата на Касами во првиот круг веројатно веќе се определиле за кандидатката на СДСМ, така што остануваат одлучувачки гласовите на Алијансата.
Различни биланси за градоначалник и за советници во Долнени
Како и повеќепати досега, во општина Долнени, во близина на Прилеп, повторно следува директен дуел меѓу кандидатите на двете главни владејачки партии на централно ниво.
И тука ДУИ и СДСМ влегуваат во вториот круг во битката за градоначалник и повторно партијата на Али Ахмети е во предност.
Во оваа мала општина со околу 11 илјади избирачи, имаше дури осум кандидати за градоначалник во првиот круг, а најдобро помина кандидатот на ДУИ, Урим Ибески, кој влегува во вториот круг со над две илјади гласа, односно со предност од околу 500 гласа во однос на кандидатот на СДСМ, Аднан Џафероски.
Во вториот круг одлучувачки би можеле да бидат гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и на Демократската партија на Турците, чии кандидати за градоначалник во првиот круг освоија по околу 1 300 гласа.
Од друга страна, мошне индикативен во Долнени е распоредот на гласови за советничките листи, особено во споредба со гласовите за кандидатите за градоначалници. На листите за советници ВМРО-ДПМНЕ има значително повеќе гласови од СДСМ, за разлика од ситуацијата со градоначалничката трка. ВМРО-ДПМНЕ, всушност, има најмногу гласови на советничката листа, повеќе и од ДУИ. Исто така, ЛДП и ДОМ имаат повеќе гласови од СДСМ на советничката листа за Долнени.
СДСМ наспроти ДОМ и ЛДП во Шуто Оризари
Владејачките ДОМ и ЛДП, кои одеа самостојно на локалните избори, постигнаа мошне солиден резултат во градоначалничката трка во скопско Шуто Оризари, каде што настапуваа со досегашниот градоначалник Курто Дудуш наспроти кандидатот на коалицискиот партнер СДСМ, Ферат Асан.
Дудуш, кој во 2017 година беше кандидат на СДСМ, пред овие избори го смени дресот и како кандидат на ДОМ/ЛДП влегува во вториот круг, заостанувајќи со околу илјада гласа зад кандидатот на СДСМ.
Како треторангиран во оваа општина заврши кандидатот на Левица со над 1,3 илјада гласа, кои би можеле да одиграат значајна улога при одредувањето на победникот во вториот круг.
Слично како и во Долнени, ДОМ/ЛДП освоија повеќе гласови од СДСМ на советничките листи. Односно разликата меѓу двете партии е само 19 гласа, но, сепак, не е занемарлива. Следна според бројот на гласови за советници е владејачката ДУИ.