И додека од една страна власта ја бара вината за проблемот кај локалната власт предводена од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, од опозициската партија прстот за проблемот го вперија во премиерот Димитар Ковачевски, кој, според нив, поради својата неспособност бара странска помош за решавање на овој проблем
Проблемот со кучињата скитници, кој се актуализира во последните денови по убиството на десетина кучиња во Струга, доведе до повторни меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата – кој е надлежен и одговорен за овој проблем. И додека од една страна власта ја бара вината за проблемот кај локалната власт предводена од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, од опозициската партија прстот за проблемот го вперија во премиерот Димитар Ковачевски.
„Неспособноста и незаинтересираноста на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се главните причини за проблемот со кучињата скитници кој ескалира во последниве месеци. За градската и за локалната власт предводени од ВМРО-ДПМНЕ важни се само личните интереси, теглите со мед и провизиите од тендерите, потребите на граѓаните им се на последно место“,
се вели во писменото соопштение од СДСМ.
Оттаму додаваат дека кога градската власт во Скопје била предводена од нив, првпат било формирано јавно претпријатие за третман на бездомните животни, кое, како што велат, кадрите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица не можат ниту соодветно да го менаџираат.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, која според бројот на градоначалници во општините ја предводи локалната власт во земјава, вината за проблемот со бездомните кучиња ја лоцира кај премиерот Димитар Ковачевски, кој, според нив, поради својата неспособност бара странска помош за решавање на овој проблем.
„Се поставува прашањето зошто постојат институции ако за секој проблем се бара странска помош. Законска обврска е чипирање на кучињата исто како и тоа да ниту еден ветеринар не прегледува куче кое не е чипирано, а ако има такво куче треба истото да биде пријавено. Кога последен пат е направена инспекција од Агенцијата за храна и ветеринарство врз ветеринарните ординации и дали некој сопственик на куче е казнет што се откажал од својот миленик и го пуштил на улица?“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Коментирајќи ги проблемите со бездомните кучиња во земјава, вчера премерот Димитар Ковачевски најави дека иако овој проблем не е во надлежност на државата ќе се побара помош од Брисел преку ИПАРД-програмите да биде изграден стационар во кој ќе се згрижуваат кучињата скитници.
Овој проблем Ковачевски го оцени како многу голем, а нагласи оти градоначалниците воопшто не се занимаваат со него, „како што не се занимаваат со многу работи што им се во надлежност“.
Реакциите на политичките партии од власта и опозицијата за овој проблем следуваат откако Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ во понеделникот соопшти дека во Струга се убиени десетици маалски бездомни кучиња.
Во меѓувреме, на службен полициски разговор беше повикан 62-годишник со иницијали М.З. од струшкото село Ливада кој е осомничен дека на 10 јануари во рок од половина час (од 6:45 до 7:15 часот) со својата пушка усмртил седум кучиња скитници.