Судијата Владимир Туфегџиќ ќе биде втор судија во петчлениот судечки совет што ќе го води судскиот процес за организаторите на настаните од 27 април 2017 година. Прв судија во предметот, како што вчера објави „360 степени“, е Илија Трпков.
Откако со распоредувањето преку електронскиот систем АКМИС случајот е доделен кај овој судечки совет, Туџегџиќ веднаш побарал изземање, претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје, Иван Џолев, одбил.

„Вториот судија – член на надлежниот судечки совет, Владимир Туфегџиќ, веднаш по приемот на предметот побара изземање од него, кое барање во законски утврден рок беше одбиено од претседателот на судот“,
велат од судот.
Во судечкиот совет, покрај двајцата судии, ќе има и тројца поротници.
Од судот не потврдуваат кои биле причините за барањето на Туфегџиќ, но според неофицијални информации на „360 степени“, таквото барање е бидејќи неговата ќерка Ивана Туфегџиќ е пратеничка токму во парламентарниот состав во чиј мандат се случиле настаните во Собранието, но барањето му било одбиено затоа што таа ниту е сведок ниту е оштетена во постапката.
Првиот судија, Илија Трпков, пак, со новиот распоред од годинава е префрлен од Одделението кривично-полнолетни во Одделението за организиран криминал и корупција. Од предметите што се попознати во јавноста, тој ги судеше случаите „Ровер“ и убиството на матурантот Ангел во Ѓорче Петров во 2014 година.
Сега, пред Трпков и Туфегџиќ на обвинителна клупа во судница ќе седнат поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Во истрагата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција беа опфатени и избеганиот експремиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошкоски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни за македонските органи.
Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Според обвинението, по неуспешните преговори за формирање влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016, тие изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата и да спречат примопредавање на власта.
Наскоро се очекува да се закаже и првото рочиште за овој предмет, но прво судиите во Кривичен ќе се координираат бидејќи Миле Јанакиески често е на судење како обвинет во предметите од СЈО.
„Откако судечкиот совет ќе закаже термин за главна расправа, со оглед на тоа што на еден од обвинетите му се суди во пет други предмети за кои веќе има закажано расправи, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени“,
велат од судот.