Пешевски е советник за стратешки прашања од областа на економијата, а Ставрески за финансии и банкарство. Поранешниот претседател на Собранието, пак, е советник за собраниски, политички и правосуден систем
Владата на својата официјална веб-страница ја објави листата на советниции на премиерот Христијан Мицкоски. Вкупно 17 надворешни соработници го советуваат премиерот, а меѓу нив се и поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

Пешевски е советник за стратешки прашања од областа на економијата, а Ставрески за финансии и банкарство. Поранешниот претседател на Собранието, пак, е советник за собраниски, политички и правосуден систем.
Професорот Александар Спасеновски, кој беше и пратеник во собранискиот состав 2011-2014 година, е советник за европски прашања, а за надворешна политика премиерот го советува амбасадорот Сашо Марковски, кој е и специјален претставник во процесот на преговори на претседателот на Владата со Европската Унија.
Меѓу 17-те советници на премиерот има и еден Германец. Јоханес Хајдекер е експерт за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во канцеларијата на претседателот на Владата за подготовка на целни документи за политики, анализи и совети до премиерот и координација со другите ресорни министерства при подготовка и имплементација на владините економски политики со јасна стратешка ориентација кон процесот на пристапување во ЕУ.
Во делот на безбедноста, Горан Николовски е советник за стратешки прашања од областа на безбедноста, а Љубчо Андоновски советник за национална безбедност.
Јован Пејковски е советник од областа на политичките и економските науки.
За советник за инфраструктура е назначен Цветко Мицевски, од областа на правото Гоце Наумовски, а за труд и социјална политика Лазар Јовевски. За животна средина советник на премиерот е Даме Димитровски, а за односи меѓу заедниците Шенер Биљали.
Советничкото место за реформи во здравството од 31 јануари останува празно откако досегашниот советник Игор Николов е именуван за амбасадор на Франција.
Меѓу советниците на премиерот има и две жени – Мимоза Рајл, советничка за култура, и Снежана Трпевска, советничка за унапредување на образованието, здравството, социјалната заштита и спроведувањето на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.
Мицкоски вчера на прес-конференција рече дека има 17 советници. Од нив, како што посочи, тројца или четворица се со полно работно време во Владата и тие земаат месечен хонорар во висина од 90 илјади денари. Останатите, имаат месечни примања од 60 илјади денари, додаде премиерот.