На одбележувањето на роденденот на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Битола, покрај бројните членови, ветерани, претставници на Унијата на жени и други гости, присуствувал и митрополитот Петар
На фотографиите од роденденската прослава на ВМРО ДПМНЕ што се споделуваат на социјалните мрежи може да се забележи дека владиката Петар бил во друштво на партиски функционери и присутни на свеченоста. За порталот Религија. мк кој ја објави оваа информација, присуството на црковен великодостојник на јавен настан не е спорно, но кога станува збор за настан со јасен партиски карактер, ваквото присуство остава впечаток на политичко приближување и ја отвара дилемата за тоа дали придонесува за зачувување на неопходната дистанца што Црквата треба да ја има кон сите политички субјекти.

„Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија е духовен дом на сите православни верници, без разлика на нивната политичка определба. Токму затоа, секое појавување на архиереј на изразено партиски собири заслужува внимателност, бидејќи може да биде протолкувано како поддршка или идентификација со одредена политичка опција. Во време кога довербата во институциите се гради преку доследност и непристрасност, јавноста со право очекува Црквата да остане над дневнополитичките поделби, да биде фактор на помирување и единство и да сведочи еднаква близина кон сите верници, а не кон која било политичка структура“, пишува во објавата на порталот.

Оттаму не ја доведуваат под знак прашалник одлуката на владиката Петар да присуствува на настанот, туку изразуваат сомнеж за тоа дали токму вакви јавни појавувања придонесуваат за зачувување на духовниот авторитет и непристрасноста што верниците ја очекуваат од своите архиереи.
