Пописот треба да започне на 1 април следната година, а ќе го спроведува Државниот завод за статистика и се очекува податоците да бидат готови за шест месец
Пратениците со 61 гласа „за“, без ниту еден глас „против“ и без „воздржани“, го поддржаа предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во прво читање, со што тој ја продолжува собраниската процедура. Но, за него не се изјасни опозицијата која претходно ја напушти салата, пред почетокот на годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
Пописот треба да започне на 1 април следната година, а ќе го спроведува Државниот завод за статистика. Се очекува податоците да бидат готови за шест месеци. Пописот ќе биде со комбиниран метод, односно за разлика од претходните години ќе има електронски прашалници на лаптопи и ќе има комуникација со бази од каде што автоматски ќе се преземаат податоците и ќе се надополнуваат од терен.
Што предвидува предлог-законот?
Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите беше поднесен во мандатот на претходната влада на СДСМ и ДУИ, но беше заглавен година и половина.
Во документот на официјалната веб-страница на Собранието датумите за извршување попис се однесуваат на 2020 година бидејќи тој првично беше планиран да се спроведе оваа година, но поради несогласувањата меѓу партиите, а потоа и предвремените избори, плановите се поместија за в година.
Според одредбите во предлог-законот, предвидено е да се попишуваат: државјани на Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во државата, без разлика дали во моментот на попис се во земјава или во странство; странски државјани кои престојуваат тука со одобрение за престој; и, лица без државјанство кои во моментов на спроведувањето на пописот ќе бидат затекнати во земјава.

За државјаните на Северна Македонија кои се со престој во странство предвидено е податоците да може да ги дава полнолетно лице на кое иселеникот му е најмногу познат, и притоа оној што ги дава податоците ќе треба да го даде и својот и матичниот број на тој што е во странство. Исто така, за овие лица се предвидува и можност сами да се попишаат преку посебна апликација на веб-страницата на Државниот завод за статистика.

Пописот нема да ги опфати претставниците на странските дипломатски конзуларни претставништва и членовите на нивните семејства, странскиот воен персонал, странците кои во тој момент ќе бидат во земјава заради службен пат, приватна посета, лекување, како туристи…

Последниот попис на населението е спроведен во 2002 година, по воениот конфликт.
Планови за спроведување имаше пред девет години од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но тогаш се појавија низа несогласувања за начинот како тој треба да се изведе, имаше и оставки во Државната пописна комисија, по што обидот пропадна. За тоа, подоцна, СЈО отвори и истрага против Никола Груевски и Али Ахмети, но по нешто помалку од три години водење истражна постапка, од обвинителството соопштија дека истрагата пропаднала бидејќи против двајцата лидери немало доволно докази.
За немањето попис во Северна Македонија неодамна анализа објави и „Јуропиан Вестерн Балканс“ (ЕВБ) во авторски текст на Кристијан Фидановски и Валентино Грбавац. Во неа се наведе дека додека Европа се подготвува за редовниот декаден циклус на попис на населението во 2021, земјава и Босна и Херцеговина се двете европски земји кои сè уште го немаат утврдено ниту датумот за попис.
Исто така, авторите на анализата посочија дека од 2010 година до денес само 21 земја во светот не спровеле попис на населението, од кои две се во Европа – Украина и Северна Македонија и се осврна на пропаднатиот попис од 2011 година, за кој пишуваше дека бил запрен делумно поради политичките стравувања од неповолни бројки на етничката структура.
Пред околу два месеца анализа на темава објави и лондонскиот весник „Фајненшл тамјс“ во која наведе дека зачленувањето на земјава ЕУ нема да го реши проблемот со намалување на бројноста на населението, констатирајќи дека Северна Македонија се соочува со демографски предизвик и оти е неопходен попис.
„Фајненшл тајмс“: С Македонија се соочува со демографски предизвик, неопходен е попис
Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу за време на расправата на пленарната седница во понеделникот побара поддршка од пратениците за законот посочувајќи дека се отстранети сите можности за манипулација.