Владата, претседателот на државата, Уставниот суд и другите државни органи, за кои е надлежна Службата за општи и заеднички работи, нема да набавуваат вода и пијалаци во пластична амбалажа. Оваа одлука ја донесе Владата на вчерашната седница во Куманово по барање на Министерството за животна средина.
Одлуката за набавки се однесува и на пакувања на шеќер, пластични лажички за кафе и други пијалаци, пластични сламки, пластични чаши и прибор за еднократна употреба.
„Се задолжува Службата за општи работи и услуги и сите министерства и органи во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата кои непосредно набавуваат за свои потреби некои од наведените производи, при објавување повик за јавни набавки, да постават услов дека нема да ја склучи јавната набавка, доколку производителот не докаже дека, најмалку за тековната година, ги спровел во целост обврските за проширена одговорност согласно со прописите за посебните текови на отпад и задолжително во понудата да се доставува и Потврда за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпад од пакување, односно Потврда за склучен договор за преземање на обврска за постапување со отпадна опрема која е основа за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадна опрема или, соодветно, Потврда за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадни батерии и акумулатори“.
пишува во одлуката на Владата.
Вчера „360 степени“ објави дека Владата досега користеше вода во стаклена амбалажа само на владините седници, а директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски, изјави дека СОЗР направила анализа за финансиските импликации која покажала дека набавките на вода во стаклена амбалажа ќе чинат двојно повеќе.
„Досега за 80 илјади литри вода, која ја набавуваме во текот на годината, а ни е потребна за сите институции што ги опслужуваме, тука зборувам за: Владата, за рестораните во Владата и Собранието, ресторанот кај претседателот на државата, резиденцијалните објекти, вилите во Охрид, Дојран, на Попова Шапка и Клубот на пратениците, досегашната набавка чинеше околу 2,5 милиони денари. Значи, сега би чинело околу 5 до 5,5 милиони денари на годишно ниво за оваа количина“,
изјави Мирчевски за „360 степени“.
Во подготовка се и законски измени за забрана за употреба на пластични кеси од 2021 година, како и за целосна забрана за користење на пластиката за еднократна употреба, кои се очекува да бидат усвоени кон средината на 2020 година.