Објавувајќи ја одлуката, премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција рече дека се работи за работни места за кои здравствените установи имаат доставено податоци за вработување на приоритетен кадар, меѓу другото, имајќи ги предвид и испразнетите места во установите по основ на пензионирања
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ваквата владина одлука ја оцени за изборен поткуп
Вкупно 1 117 лица – здравствени работници, помошно-технички работници, хигиеничари и возачи кои се ангажирани во здравствените установи во земјава на определено работно време, сега, со одлука на Владата, а на предлог на министерствата за здравство и финансии, ќе добијат вработувања на неопределено.
Објавувајќи ја одлуката, премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција рече дека се работи за работни места за кои здравствените установи имаат доставено податоци за вработување на приоритетен кадар, меѓу другото, имајќи ги предвид и испразнетите места во установите по основ на пензионирања.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, пак, истакна дека со инвестиции како оваа во јавното здравје се придонесува до зголемување на услугите и олеснување на пристапот до здравствените установи.
„Инвестирањето во здравствени работници е еден од најважните сегменти за иднината во јавното здравство. Клучно за креирањето на здравствените политики е решавање на статусот на лекарите, болничарите, техничарите, на медицинскиот и немедицинскиот кадар со трајно вработување“,
рече министерот за здравство.
Одлуката со која се решава работниот однос на над 1 000 лица во здравствените установи, како што изјави првиот човек на Финансии, Фатмир Бесими, пак, е во насока на владините приоритети за зајакнување на човечки капитал.
„Здравството, со образованието и социјалната заштита се главните три компоненти за зајакнување на човечкиот капитал и сметам дека со оваа одлука по неколку напорни средби на повеќе институции успеавме заеднички да дојдеме до одлука што создава и ја задржува супстанцата на човечкиот капитал на здравствен и технички персонал со кој ќе може да ја изведат својата хумана функција кон граѓаните и граѓаните да добијат квалитетно здравство, имајќи го предвид трендот на демографските движења, особено на здравствените работници“,
рече министерот Бесими.
Реакција на денешната владина одлука објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму оценија дека одлуката со која во овој момент се решава работниот однос на дел од вработените во здравството е изборен поткуп и е задоцнета.
„ДУИ и СДС продолжуваат со бруталниот поткуп пред избори. Ковачевски и Меџити на само четири месеци пред да ја напуштат владата се сетија за медицинскиот персонал и докторите“,
велат од опозициската партија.