Претседателката на ДКСК вчера рече дека недостасуваат прилози кон договори и посочи оти нема сознанија дали во нив има нешто што е дополнителна обврска за државата
Владата до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) не го доставила целосниот договор со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Од Владата во изјава за ТВ Телма потврдуваат дека до антикорупционерите е пратена скратена верзија без да се повикаат на законска одредба.
„По одобрување од Владата како носител на Договорот за изградба на автопатот Коридор 8 и автопатот на Коридор 10-Д истиот беше доставен до Државна комисија за спречување на корупција во форма во којашто беше одобрен за ограничена употреба од засегнати страни“,
велат од Владата за Телма ТВ.
Договорот има над 400 страници, а како што објави телевизијата, биле доставени 119 страници.
Синоќа, претседателката на антикорупциската комисија Билјана Ивановска во гостувањето на Сител ТВ кажа дека добиле нецелосна верзија на договорот, односно дека недостасуваат прилози кон договорот.
„Ако дојдеме до заклучок дека во тие прилози покрај некои менаџерски специфичности што се однесуваат за фирмата, постои нешто друго, ќе ги побараме и нив“,
рече Ивановска.
Таа посочи дека нема сознанија дали во тие прилози има нешто што е дополнителна обврска за државата, а според нејзината изјава, договорот кој бил доставен до ДКСК има околу 200 страници и во него ги пишувало обврските на државата.
Таа рече дека посебно внимание ќе посветат токму на оние делови кои создаваат финансиски обврски за државата бидејќи тоа е она што ги засега граѓаните.
Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници од коридорите 8 и 10-д не е објавен во јавноста бидејќи власта се повикува на деловна тајна. Договорот, меѓу другото, повлече и измени на пет актуелни закони, од кои најмногу врева во јавноста кренаа измените на Законот за работни односи, кој предвидува зголемување на работната недела која во моментов трае 40 часа, за работниците ангажирани на изградбата на овие делници.
Покрај овој, измени власта предложи и на законите за градење, за експропријација, за урбанистичко планирање и на специјалниот закон за коридорите 8 и 10-д.
Тие беа поднесени со европско знаменце, без објаснување за нивното усогласување со законодавството на ЕУ, а по завршувањето на собраниската процедура денеска беа изгласани во Собранието.