Предлогот што дојде од општините од Полошкиот регион е распустот да трае во месеците кога е најстудено односно во декември-јануари или јануари февруари, со оглед дека сметките за потрошена енергија сега се неколкупати повисоки од лани. Од друга страна, пак, тие предлагаат тоа да се надомести така што школската година наместо до 10 да трае до 30 јуни
Откако вчера општините од Полошкиот регион побараа поради енергетската криза зимскиот распуст да се продолжи и да трае два месеци или да се организиран онлајн настава, денеска од Владата порачаа дека во интерес на учениците е да посетуваат настава со физичко присуство.
На вчерашната владина седница воопшто не се дискутирало за прашањето околу евентуално продолжување на распустот или онлајн настава.
„На последната седница немаше дискусија за ова прашање. Во секој случај, Владата останува посветена на надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука (МОН). Во оваа пригода сакаме да информираме дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта. Организирањето во смисла на трошоците за загревање е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од МОН се испраќаат дотации до општините. Важно е да се каже дека тие се одговорни и секако во интерес на учениците е физичко присуство на наставата“,
изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.
Барањето за продолжен зимски распуст или онлајн настава беше упатено по вчерашниот состанок на деветте општини кои се дел од Полошкиот регион. Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, рече дека идејата дошла со оглед на тоа што сметките за енергија годинава се три до четири пати повисоки од лани. Според неговата изјава, тие предлагаат распустот да трае во месеците кога е најстудено односно во декември-јануари или јануари февруари, а тоа да се надомести така што школската година наместо до 10 ќе трае до 30 јуни.