Владата на Црна Гора по повеќечасовна седница го усвои Темелниот договор со СПЦ. Од 18 присутни министри, 13 гласаа „за“, но некои министри ја оспорија валидноста на одлуката
По четиричасовна дискусија, владата на Црна Гора го усвои нацрт-договорот со СПЦ. За гласаа 13 министри, а петмина беа воздржани. Некои министри ја оспорија валидноста на одлуката, односно тврдеа дека за усвојување на овој документ е потребно квалификувано мнозинство, односно најмалку 14 гласа.
Откако министрите од СДП посочија дека нема квалификувано мнозинство, премиерот Абазовиќ најави дека договорот ќе се гласа на некоја од следните владини седници или по електронски пат.
Во Црна Гора, при формирањето малцинска влада пред приближно два месеци, беше постигнат договор сите прашања од витален државен и национален интерес да бидат носени со квалификувано мнозинство од сите членови на владата. Ова се наведува во финалната верзија на Договорот за парламентарна поддршка и политички приоритети на 43-та Влада на Црна Гора, за кој се договорија коалициските партнери во идната извршна власт – Граѓанското движење УРА, Социјалистичката народна партија (СНП), Социјалдемократската партија (СДП), ЦИВИС и партиите на малцинските народи.
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, без оглед на приговорите за квалификувано мнозинство, изјави дека точката е усвоена и рече дека постои можност гласањето да се повтори на следната седница за седум дена или електронски поради тоа што некои членови на власта не беа присутни на седницата.
„Денеска покажуваме инклузивност и победа е кога луѓе од различни политички профили водат дијалог. Не гледајте материјално, туку за утре сите да бидеме горди што придонесовме да се помират луѓето од различна верска припадност“,
изјави Абазовиќ.
Абазовиќ претходно на дискусијата рече дека со овој договор не се создава држава во држава и дека е во согласност со Уставот на Црна Гора. Тој рече дека сите партии што ја поддржале неговата малцинска влада се согласиле на склучување ваков договор и дека ова прашање треба да се реши што е можно поскоро за Црна Гора да го продолжи својот европски пат.
Министерот за правда на Црна Гора, Марко Ковач, оцени дека 95 проценти од одредбите на овој договор се слични на текстовите на договорите со другите верски заедници, дека е целосно усогласен со Уставот и законите на Црна Гора и сите забелешки што се слушаа претходните денови повеќе биле засновани на политички интереси отколку на правни аргументи.
Критики за тестот на договорот и барање неговото усвојување да се одложи до есен изнесоа вицепремиерот и министер за одбрана Рашко Коњевиќ и министерот за надворешни работи Ранко Кривокапиќ.
Коњевиќ, повикувајќи се и на оценките на невладиниот сектор, рече дека самото име Темелен договор е контроверзно, бидејќи тој не е потпишан со државата, како што беше случајот со Римокатоличката црква, односно Ватикан. Затоа тој предложи да се одложи донесувањето на договорот и детално да се разгледаат неговите одредби.
За министерот за надворешни работи Ранко Кривокапиќ важно е да се прецизира со кого е склучен договорот – дали со четирите епархии на СПЦ во Црна Гора, или со Синодот, кој не е регистриран во Црна Гора, па затоа претставува странски субјект, а тоа е, како што оценува, меѓународен договор.
Со Темелниот договор на СПЦ во Црна Гора ѝ се овозможува екстериторијалност на верските објекти, ја отвора можноста за веронаука во државните училишта, се признава шест века подолг субјективитет отколку што СПЦ има во Србија, и се дава јавно-правни овластувања и во некои области овозможува правен статус еднаков на државните институции.