Од Општина Аеродром информираат дека прекршочниот платен налог е издаден согласно член 130 од Законот за управување со отпад и оти сторителот е должен во рок од осум дена од денот на приемот на прекршочниот платен налог, да ја плати глобата на општинската сметка

Општина Аеродром изрече парична казна од 20 000 евра за правно лице чиј камион беше затекнат при обид незаконски да истури градежен шут во Долно Лисиче. Казната следува по вонредниот инспекциски надзор на локацијата викана „Купишта“ каде е затекнат камионот.
Претходно за време на викендот градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, лично го затекна возачот на камионот при обид нелегално да го одложи отпадот.
На видеото од настанот, кое Митески го објави на неговиот фејсбук-профил, се гледа како возачот на камионот му нуди телефон на градоначалникот за да „разговара со некого“. Градоначалникот одбива разговор и веднаш повикува полиција и инспекциски служби. Возачот на камионот, по кратката вербална расправија, бега од местото со возилото.
Од Општина Аеродром информираат дека прекршочниот платен налог е издаден согласно член 130 од Законот за управување со отпад и оти сторителот е должен во рок од осум дена од денот на приемот на прекршочниот платен налог, да ја плати глобата на општинската сметка.


Во пријавата во делот „правна поука“ се наведува дека сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од осум дена од денот на приемот на прекршочниот платен налог, ќе плати само половина од изречената глоба. Ако сторителот не ја плати глобата во рокот од осум дена од денот на приемот на прекршочниот платен налог, инспекторот поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд.
„Нема да дозволиме уништување на животната средина и создавање диви депонии на територијата на Аеродром. Продолжуваме со засилени инспекциски контроли и апелираме до сите граѓани и компании совесно да постапуваат со отпадот и да ги почитуваат законските прописи. За секое несовесно однесување ќе следуваат санкции“,
порачуваат од локалната самоуправа.
