Преку установата „Десет дена Крушевска Република“ Владата очекува да се поттикне творештво инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување, а преку „Денови на Смилевскиот конгрес“, пак, ќе се одбележува овој конгрес како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените на Даме Груев
„Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“ се имињата на две нови национални установи кои ќе ги формира Владата.
Одлуките биле донесени на денешната владина седница, а се со цел афирмација на настани и личности значајни за илинденскиот период и за македонската државност.
Националната установа „Десет дена Крушевска Република“ ќе биде сместена во Крушево во објектот на националната установа „Историски музеј“.
„Со основањето на оваа национална установа, се очекува поттикнување на творештвото на современиците инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Република Северна Македонија“,
велат од Владата.
Другата национална установа „Денови на Смилевскиот конгрес ќе биде во објектот на селото Смилево, Демир Хисар, во некогашната куќа на револуционерот Даме Груев која денеска е сопственост на државата.
„Оваа национална установа ќе ги одбележува деновите на Смилевскиот конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев“,
објаснуваат од Владата.
Смилевскиот конгрес е одржан од 2 до 7 мај 1903 година во селото Смилево. Овој конгрес според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание.
„Со тоа, Смилевскиот конгрес е настан длабоко врежан во свеста на македонскиот народ, што трајно ја определил неговата иднина. А спомените за ликот и делото на Даме Груев, како и други историски личности и настани, се постојан потсетник за поставувањето на темелите на македонската државност“,
велат од Владата.