Ова е еден од заклучоците од денешната владина седница на која главна тема беа разрешувањата на двајцата директори во М-НАВ и предлозите за именување нови, по минатонеделните случувања во оваа институција, каде што осум лица, меѓу кои и претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири, упаднаа во контролата за летање и нападнаа вработен
Освен разрешувањето на Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски од директорските позиции во Македонската навигација (М-НАВ) и предлозите за именување на Хекуран Асани и Милан Костиќ на нивно место, Владата на денешната седница го задолжила Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор во синдикалните организации во рамките на М-НАВ.

Владата, како што се наведува во соопштението испратено вечерва од „Илинденска“ број 2, ѝ препорачала и на Агенцијата за цивилно воздухоповство (АЦВ) да продолжи со „започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за тоа да го информира ресорното министерство и Владата“.
„Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација ‘М-НАВ’ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата“,
се наведува во соопштението од Владата за донесените одлуки на денешната седница.
Инаку, главна тема на владината седница беа разрешувањата на двајцата директори во М-НАВ и предлозите за именување на нови, по минатонеделните случувања во оваа институција, каде осум лица, меѓу кои и претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири упаднаа во контролата за летање и нападнаа вработен.
Во соопштението од владината прес-служба не се наведува ништо во врска со првичната одлука на седницата, со која на местото на Фахрудин Хамиди за претседател на Управниот одбор на М-НАВ беше предложен Илир Мехмеди.
Откако стана јасно дека Мехмеди не ги исполнува условите за да биде именуван на оваа позиција, Владата излезе со нов предлог – Хекуран Асани.
„360 степени“ веќе објави дека првиот владин предлог за нов директор на М-НАВ – Илир Мехмеди, во минатото имал дозвола, но за помошник-контролор на летање што значи дека не ги исполнува условите од Статутот. Според нашите сознанија, министрите не биле свесни за ова кога на денешната седница го утврдиле како кандидат за директор.
Во соопштението се наведени куси биографии на Асани и на Костиќ, кои Владата ги предложи до Надзорниот одбор на М-НАВ да бидат именувани за претседател на Управниот одбор и извршен директор во воздухопловна навигација, односно за член на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна техника.
„Хекуран Асани е вработен во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање“,
се наведува во кусата биографија на Асани.

Милан Кораќ на позицијата извршен директор за воздупловна техника во М-НАВ доаѓа од позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во оваа институција.
„Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Милан Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството“,
се наведува во владиното соопштение.
Состојбите во М-НАВ, по кои уследи денешната владина седница, ескалираа минатата недела со упадот во објектот, кој се случи непосредно по прес-конференцијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролори на летање при М-НАВ, Александар Тасевски на која информираше дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.
Насилниот упад во институцијата, сега разрешениот од функцијата претседател на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди во петокот на прес-конференција го опиша како кошкање кое го има во секоја организација и конфликт од лични причини помеѓу двајца вработени.
Инаку, по денешната седница на Владата, од Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) соопштија дека го ставаат во мирување штрајкот што го најавија за утре со затворање на воздушниот сообраќај на македонското небо. Првиот човек на Синдикатот, Александар Тасевски, оцени дека ова е придвижување на работите.
„Ќе ја анализираме целата состојба и случувања и ако има позитивна реализација на препораката од Владата до надзорниот одбор ќе ја повлечеме одлуката за штрајк“,
изјави Тасевски.

Основниот кривичен суд Скопје од утре треба да одлучува по жалбата на Јавното Основното јавно обвинителство Скопје во врска со одлуката да не го прифати барањето за притвор за четворицата осомничени во врска со упадот во М-НАВ.
Жалбата следува откако Судија на претходна постапка од Кривичниот суд на 5 јануари годинава им определи мерки за претпазливост на четири лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
За инцидентот Основното јавно обвинителство Скопје на 4 јануари отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.