Новиот закон, меѓудругото, предвидува и воведување дигитални учебници, што наиде на реакции кај дел од родителите и учениците. Првичната верзија денеска прво беше повлечена од процедура, а од опозицијата излегоа со сомнежи дека власта сака да спречи блокада на законот во Собрание и затоа ќе го прати со европско знаменце, кое ја ограничува амандманската расправа во парламентот
Владата на денешната седница го утврдила предлог-законот за учебници за кој вели дека е изготвен согласно стратешките документи и препораки донесе од страна на Европската комисија (ЕК). Меѓутоа, во соопштението од Владата не се прецизира дали тој ќе биде пратен во Собрание со европско знаменце.
„При изготвување на новото законско решение беа земени предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската Комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата во чиј фокус се развојот на дигиталните вештини на учениците, креирањето и употребата на дигитални наставни материјали, развојот на едукативни платформи, развојот на дигиталните вештини на наставниците и трансформацијата на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес“,
велат од Владата.
Новиот закон, меѓудругото, предвидува и воведување дигитални учебници, што наиде на реакции кај дел од родителите и учениците. Првичната верзија денеска прво беше повлечена од процедура, а од опозицијата излегоа со сомнежи дека власта сака да спречи блокада на законот во Собрание и затоа ќе го прати со европско знаменце, кое ја ограничува амандманската расправа во парламентот.
Од МОН и претходно во текот на денот рекоа дека целта на повлекувањето законот за учебници од Собранието е поради усогласување со европското законодавство, но на прашање на „360 степени“ не прецизираа дали тоа значи дека законот ќе се носи со европско знаменце.
Усогласување со две иницијативи од ЕК
Во владиното соопштение посочуваат дека биле земе предвид две иницијативи кои ЕК ги усвоила во септември 2020, а чија цел е образованието да придонесе во закрепнување од кризата и во градење на „зелена“ и дигитална Европа.
Првата иницијатива, објаснуваат од Владата е за заживување на Европската област за образование со шест димензии: квалитет; инклузија и родова еднаквост; зелени и дигитални транзиции; наставници; високо образование; посилна Европа во светот.
„Втората иницијатива е новиот Акциски план за дигитално образование (2021 – 2027) со иницијативи за висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование во Европа. Планот предвидува акција и посилна соработка меѓу земјите членки на европско ниво, како и меѓу сите засегнати страни, со цел системите за образование и обука да се направат соодветни за дигиталното време. Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики“,
велат од Владата.
Оттука, потенцираат, потребно е унапредување на дигиталното образование, а иницијативите од ЕК ќе треба да донесат подобар квалитет на образованието во однос на основните и дигитални вештини, како и да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците.