Опозицијата побара да ги доразгледа предложените законски измени, а министерот Филипче апелира тие да се усвојат што поскоро
Угостителските објекти ќе работат до 23 часот, државната администрација треба да го организира работењето од дома или во смени, а капацитетот на јавниот превоз ќе се ограничи за 50 отсто. Ова се дел од новите мерки што веќе се во сила откако Владата вчера ги усвои по препорака на Комисијата за заразни болести.
Ограничувањето на работното време до 23 часот се однесува на сите угостителски објекти, освен на оние што вршат испорака, а целата државна и јавна администрација, општините и судовите треба да ја организираат работата во смени, онлајн од дома или, пак, редуцирано со систем на ротации.
Со новите мерки останува во сила и забраната за присуство на публика на спортските натпревари што ги организираат спортските федерации.
Но, на мерките за кои се потребни измени во Законот за здравјето на населението ќе се почека до наредната собраниска седница, на 27 октомври, бидејќи, иако беа предвидени за вчерашната седница, тие не беа разгледувани поради барањето на опозицијата да ги доразгледа предлозите и евентуално да предложи свои.
Со измените во Законот, задолжително ќе биде носење маска на отворено, ќе се забрани групирање на отворено по 22 часот и се ограничува бројот на гости во домовите на максимум четири лица.
Министерот за здравство Венко Филипче апелираше до пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласа овој пакет мерки и сите сложно да испратат порака на единство околу важноста за почитување на мерките.
Тој посочи дека состојбата е сериозна, дека болничките капацитети се исполнуваат, а пациентите се сместуваат и во модуларната болница на Инфективната клиника.
Во текот на вчерашниот ден, исто така, беше регистрирана висока бројка на новозаразени во 24 часа – 408 случаи или 19 отсто од 2 140 тестирани.
Вкупната бројка на дијагностицирани со ковид во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 24 196, а на починати е 850. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 5 673.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска оценија дека над 6 000 заболени за три недели е резултат на лошата стратегија на Комисијата за заштита од заразни болести и власта, дека здравството е во хаос и бараат одговорност за тоа.