Реакцијата на ДУИ доаѓа откако кабинетот на Мицкоски на последната седница го укина заклучокот на техничката влада на Џафери со кој беа предвидени фискални импликации за реализација на Проектот за изведба на автопатот Коридор 8, Делница 2: Гостивар – Букојчани од дополнителни 252 милиони евра
Погрешна е одлуката на владата на ВМРО ДПМНЕ и „Вреди“ да го укине заклучокот на техничката влада за изградба на патната оска Гостивар – Букојчани, сметаат од партијата на Ахмети. За нив тоа претставува чекор назад и ги поткопува напорите за подобрување на инфраструктурата и за зајакнување на стратешката позиција на Северна Македонија во регионот.
Според ДУИ, заклучокот на претходната техничка влада е донесен по завршувањето на сите геомеханички анализи и истражувања за избор на најдобрата варијанта за изградба на оваа патна оска. Со нив, како што велат оттаму, е утврдено дека со изградба на тунел што ќе го поврзува Гостивар со Кичево, наместо да се гради висински автопат, ќе се обезбеди не само побрз и побезбеден сообраќај, туку делницата ќе биде и поекономична за одржување.
„Оваа погрешна одлука треба веднаш да се преиспита заедно со стратешкиот партнер и да се преземат мерки за продолжување со реализацијата на овој важен проект“,
пишува во соопштението на ДУИ.

ЗОШТО ВЛАДАТА НА МИЦКОСКИ ГО УКИНА ЗАКЛУЧОКОТ НА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА НА ЏАФЕРИ?
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако кабинетот на Мицкоски на последната седница го укина заклучокот на техничката влада на Џафери со кој беа предвидени фискални импликации за реализација на Проектот за изведба на автопатот Коридор 8, Делница 2: Гостивар – Букојчани од дополнителни 252 милиони евра. Освен дека средствата не биле испланирани и обезбедени во Буџетот, од Владата појаснија и дека на заклучокот му недостига легалитет, бидејќи бил донесен на 13 јуни, повеќе од еден месец по изборите и неколку дена пред формирањето на новата влада.
„Клучно е дека во период на техничка влада не може да носат такви одлуки, за зголемување средства. За проект што сѐ уште нема траса е кажано дека требало да поминува низ некој дел кој дополнително ги зголемувал трошоците, имало некаква пештера, требало да се избегне, а трасата не ја знаеме која е. Верувам дека министерот за транспорт ќе сподели подетални информации, не би сакала да завлегувам повеќе во тој дел“,
рече на вчерашната прес-конференција, министерката на финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Министерот за транспорт се нема официјално произнесено за останатите технички детали кои ја мотивираа Владата да го укине заклучокот. Нема информации ниту дали заклучокот е доставен до Јавното обвинителство, како што беше најавено.
Инаку, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по допрен глас, има отворено предмет за јавната набавка за избор на фирма за надзор на градби на коридорите 8 и 10-д. Обвинителството го анализира и првиот склучен, па поништен договор за надзорот, и вториот кој беше подоцна распишан.

Владата предводена од Димитар Ковачевски и американско-турскиот конзорциумот „Бехтел и Енка“ на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Ќафасан и Прилеп – Битола). По потпишувањето на договорот, на јавноста ѝ беше презентирано дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра, а изградбата на четирите делници на коридорите 8 и 10-д ќе трае 4 години и 7 месеци.
Договорот не беше ставен на увид на јавноста бидејќи е класифициран како државна тајна. Актуелниот министер за транспорт Александар Николоски во интервју за ТВ Телма истакна дека класифицирањето на договорот со „Бехтел и Енка“ како државна тајна е кршење на Законот за класификација на документи. И покрај бројните критики, тој најави дека договорот нема да биде раскинат, туку ќе се направат дополнителни напори, низ преговори со конзорциумот, за истата сума да се изгради и обиколницата кај Битола и сообраќајната врска кон граничниот премин „Меџитлија“.