За членови на преговарачкиот тим се определени осум членови на владата – вицепремиери и министри, како и директорот на „Државни патишта“, а до Собранието ќе се достави барање за номирање на член и од најголемата опозициска партија. Одлуката на Владата доаѓа откако Уставен реши да не поведе иницијатива за законот за изградба на автопатиштата – коридорите 8 и 10 Д
На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата формираше Комитет за преговори и преговарачки тим за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и 10 Д (Делница на автопатот Прилеп-Битола), соопштија од владината прес-служба.
Тимот ќе преговара со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ со која Владата претходно веќе потпиша Меморандум за соработка, а во Собранието беше изгласан и закон за изградба на овие автопатишта.
Од Владата соопштија дека определиле девет членови на Комитетот за преговори, а до Собранието ќе достават и барање за член да биде номиниран и претставник на најголемата опозициска партија, во случајот ВМРО-ДПМНЕ.
За членови на тимот се определени: првиот вицепремиер Артан Груби; вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи; министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за животна средина Насер Нуредини, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на „Државни патишта“ Ејуп Рустеми.
Законот за изградба на коридорите 8 и 10 Д, кој овозможува директна зделка односно да нема тендер, беше донесен во Собранието, откако Владата претходно потпиша Меморандум за соработка со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за тие целосно да ги проектираат и изградат автопатиштата.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) истиот го оспори пред Уставниот суд со образложение дека тој ги крши уставните начела за слобода на пазарот, како и начелото дека Републиката ќе преземе мерки против монополска положба.
Меѓутоа, Уставен ја отфрли иницијативата на ДКСК, а неговата претседателка, судијката Добрила Кацарска за ТВ Алсат изјави дека неделава ќе има и образложение од судот зошто одлучиле да не поведат постапка за законот.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, пак, по одлуката на Уставен рече дека Владата ќе продолжи со постапките што се утврдени во законот, а за тоа колку ќе чинат автопатите рече дека сè уште не се знае.
„Сè додека не се изготват конечните суми, цени, преговорите, не можеме да знаеме колку ќе чинат сумите или цените за изградба на овие патни правци … во моментов сè уште нема договор и би се склучил само доколку Јавното претпријатие смета дека договорот којшто ќе е на маса е квалитетен, нуди брзи рокови на градба и суми на чинење кои се прифатливи за нив“,
изјави Бочварски.
Првиот вицепремиер, кој сега е дел од преговарачкиот тим, одлуката на оставен ја нарече „вест на годината“ бидејќи сега нема правни пречки да се оствари сонот на граѓаните за автопатско поврзување од Ќафасан со Албанија до Блаце со Косово.