Засега нема кратење на расходите во буџетот, туку само прераспределба на средства
Владата на денешната седница донела мини-„ребаланс“ на буџетот, со цел спроведување на економските мерки за надминување на последиците од коронавирусот. Според одлуката, засега нема кратење на расходите во буџетот, туку само прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите.
Согласно одлуката на Владата за пресраспределба на средства, во буџетот на Северна Македонија за 2020 година, во посебниот дел во првата потколона од колоната „расходи на основен буџет“, се врши прераспределба на средства во износ од 6.542.000.000 денари (105 милиони евра), велат од Владата.
„Целта на предложената одлука е обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот“,
информираа од Владата.
На денешната седница, Владата донесе и измена на Уредбата за помош на приватниот сектор преку исплата на плати за април и за мај годинава, така што за два месеца е намален рокот во кој работодавачите треба да ги задржат на работа сите вработени. Односно, тоа би значело до јули, наместо до септември.
Откако Владата го донесе сетот мерки за помош на стопанството, премиерот Оливер Спасовски најави дека се можни и дополнителни мерки доколку се појави потреба за тоа.