Голем дел од ресурсите се насочени кон заштита на луѓето и намалување на ризикот од ширење на коронавирусот. Колку побрзо се стави под контрола, толку подобро ќе биде, рече вечерва премиерот Оливер Спасовски во емисијата „Топ тема“.
Тој појасни дека вториот сет на мерки се за помош на реалниот сектор, а не ја исклучува можноста дека треба да има и дополнителни мерки.
„Во тој дел се насочени и овие мерки. Да помогнеме на работниците, да помогнеме на работодавачите и на тој начин да си помогнеме и самите на себе, како граѓани генерално“,
нагласи Спасовски.
За реакциите и критиките рече дека секогаш ќе ги има, но сетот мерките што денеска беа претставени нуди предвидливост и директна помош за компаниите да ги задржат работниците и да се одржат во следните два месеци.
„Објавивме прв сет на мерки и тогаш имаше реакции, па ги користат тие што најмногу им се потребни. Сега имаме втор сет на мерки, што сметаме дека ќе помогне во голема мера. Не исклучуваме дека треба да има и дополнителни мерки што уште повеќе ќе помогнат во делот на економијата, но притоа да не го занемариме здравството, здравјето и животот на граѓаните,
изјави Спасовски.
Овие мерки, додаде тој, се однесуваат за следните два месеца под претпоставка дека ќе има намалување на здравствената криза и полека да почне да работи и економијата.
„Доколку тоа не се случува, тогаш ќе мора да имаме и нов сет на мерки. Владата е тука и ќе преземе се што треба, навремено за сите заедно да си помогнеме“,
изјави Спасовски.