Тренчевска не сакаше, како што рече, да лицитира кои пензионери ќе бидат опфатени со пакетот мерки, но кажа дека тоа најверојатно ќе бидат најранливите, односно оние со најниски пензии. Кога мерките ќе бидат усвоени од Владата, освен кои категории граѓани ќе бидат опфатени со нив, ќе се знае и колку време тие ќе траат
Решение со кое ќе се регулира висината на минималната пензија, според очекувањата на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, тешко дека ќе биде донесено до крајот на овој месец.
Причините за тоа, како што изјави денеска министерката, е во комплексноста на решението.
Што се однесува, пак, до пакетот мерки за ранливите категории, кој, според најавите, треба да опфати и дел од пензионерите, тој треба да биде објавен до крајот на оваа недела, изјави денеска Тренчевска.
„Се дискутира и за мерките коишто треба да ги предложат како Работна група, односно беа предложени до Владата за да ги поддржиме особено пензионерите со ниски пензии, а се работи секако и на едно системско решение за предлог-закон, предлог-одредби за утврдување на минималната пензија, меѓутоа не очекувам дека многу бргу, до крајот на овој месец ќе се донесе некакво решение затоа што сепак станува збор за едно комплексно прашање со кое се регулира минимална пензија. Работната група ќе продолжи со работа, а мерките за сите ранливи категории на граѓани очекуваме дека до крајот на оваа недела ќе бидат донесени од страна на Владата“,
изјави Тренчевска, која заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ беа во посета на Здружението и култутно-уметничко друштво во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров.
Тренчевска не сакаше, како што рече, да лицитира кои пензионери ќе бидат опфатени со пакетот мерки, но кажа дека тоа најверојатно ќе бидат најраливите, односно оние со најниски пензии.
„Искрено, додека не бидат објавени, не сакам да лицитирам кои категории на пензионери, но ќе бидат опфатени поголем број пензионери, а секако ќе бидат опфатени и други ранливи категории на граѓани“,
рече министерката.
Кога мерките ќе бидат усвоени од Владата, освен кои категории граѓани ќе бидат опфатени со нив, ќе се знае и колку време тие ќе траат.
„Тоа ќе биде објавено штом мерките бидат прифатени, односно усвоени на седница на Влада, а веруваме дека до крајот на неделата ќе имате информација за сè она што како пакет на антикризни мерки Владата ќе го донесе, кои категории граѓани ќе бидат опфатени и колку месеци ќе биде поддршката“,
изјави министерката за труд и социјална политика.
Пензионери од сите делови на земјата изминативе месеци одржаа три големи протести во главниот град на кои изнесоа две главни барања – линеарно зголемување на пензиите за 5 000 денари и минимална пензија во висина од 18 000 денари.
По првиот протест, во август, Тренчевска соопшти дека по состанок со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија била донесена одлука да се формира работна група што ќе предложи решенија кои ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови мерки за помош и поддршка на пензионерите.
Вториот протест беше на 20 септември, а последниот се одржа на 7 ноември, на кој пензионери од сите делови на земјата ги повторија барањата за повисоки пензии.
Инаку, уште по првиот протест на 14 август во Скопје, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска оцени дека протестите на пензионерите не се спонтани и самоорганизирани, туку дека зад нив стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ со цел да се направи хаос во општеството.