Владината седница на која ќе се расправа за предлогот за разрешување на републичкиот обвинител е закажана за 12 часот. Заклучокот од расправата по оваа точка потоа ќе се достави до Советот на јавни обвинители
На денешната редовна седница, Владата ќе го разгледа предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Ова следува откако на седницата на 11 февруари Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности и да поведе постапка за разрешување на Коцевски.
Неколку дена подоцна, на 14 февруари, Министерството за правда го изготви и го достави дописот за разрешување на републичкиот обвинител до владините служби.
Денешната владина седница на која ќе се расправа за предлогот за разрешување на републичкиот обвинител е закажана за 12 часот. Заклучокот од расправата по оваа точка потоа ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
„Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем. Довербата на граѓаните е сериозно нарушена и затоа сме силно посветени конечно да владее правото и да имаме правна држава“,
наведуваат од прес-службата на Владата.
Одлуката на Владата за иницирање постапка за разрешување на Коцевски уследи еден ден откако Советот на јавни обвинители на седница одржана на 10 февруари едногласно ја избра Наташа Крстевска-Цалева за шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје. Таа на оваа позиција требаше го менува вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран од функцијата и против кого се води кривична и дисциплинска постапка.
Токму изборот на нов виш јавен обвинител во Скопје, меѓу другото, беше споменат во образложението на Владата за поведената постапка за разрешување на Коцевски. Оттаму наведоа дека именување в.д. шеф на Вишото јавно обвинителство незаконски и надвор од одредбите пропишани во Законот за јавно обвинителство. Дополнително, како аргумент го наведоа и последниот индекс на транспарентност, во кој, како што велат, четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во Обвинителството и судството.
Коцевски демантираше дека незаконски постапил во постапката за избор на скопски виш јавен обвинител, посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
Инаку, мандатот на државниот обвинител трае шест години. Љупчо Коцевски беше избран од Собранието на оваа позиција пред точно една година, во февруари 2024 година.