Владата на денешната седница даде „зелено светло“ за формирање регионални центри за вакцинација во шест општини. Како што е познато, масовната вакцинација ќе се врши во спортски сали, како што е примерот со А1 Арената во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Од Владата велат дека ги задолжиле министерствата за здравство и за образование и наука во соработка со општините да ги подготват салите во Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово.
Според изјавите од здравствените власти, салата во Охрид е веќе подготвена, а како што викендов објави и градоначалникот на Штип, Сашко Николов, и тамошната сала е речиси опремена.
Масовната вакцинација се очекува да почне веднаш по Велигден. Министерот Венко Филипче денеска рече дека кинеските вакцини утре ќе тргнат од Пекинг, а во Скопје се очекува да пристигнат на 30 април или најдоцна на 1 мај. Откако вакцините ќе пристигнат во земјава ќе бидат сместени во ладната соба во поликлиниката „Јане Сандански“, а следниот ден ќе се дистрибуираат во сите пунктови за масовна вакцинација во државата и процесот ќе започне по празниците.