Штип е еден од шесте градови во кои, покрај Скопје, се опремуваат спортски сали за масовна вакцинација. Во Охрид, според изјавите од здравствените власти, салата е веќе спремна, а останатите ќе бидат во Куманово, Битола, Тетово и Кавадарци
Спортската сала „Јордан Мијалков“ во штипската населба Сењак, која беше најавена како место за масовна вакцинација во источниот регион е спремна. Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, објави фотографии набрујувајќи дека направени се: 22 пункта за вакцинација, кои се опремени; подготвен е просторот за набљудување после примената вакцина; готови се и пунктовите за подготовка на вакцините и за примарна медицинска помош.
Во салата ќе има и приемен дел каде ќе се отвора вакциналниот картон, место за заверка… Низ градот, поставени се и сообраќајни патокази за граѓаните кои доаѓаат од другите општини од Истокот да знаат каде се одвива масовната вакцинација.
„Во тек на утрешниот ден, директорите на Клиничката Болница Штип и Здравствен Дом Штип, ќе спремаат распоредот за персоналот кој ќе биде одговорен за вакцинација. Благодарност до приватниот сектор, кој несебично помага на граѓаните на Општина Штип. Во време на ваква светска пандемија, покажавме дека штипјани се солидарни и хумани граѓани кои сплотено и заедно си помагаат еден на друг“,
вели Николов.
Штип е еден од шесте градови во кои, покрај Скопје, се опремуваат спортски сали за масовна вакцинација. Во Охрид, според изјавите од здравствените власти, салата е веќе спремна, а останатите ќе бидат во Куманово, Битола, Тетово и Кавадарци. Министерот за здравство, Венко Филипче, пред два дена најави дека во текот на наредната недела салите ќе бидат опремени и со фрижидери.
Масовната вакцината на овие пунктови, според најавите од министерот, би требало да почне веднаш после Велигден. Околу 28 април, како што рече Филипче, треба да пристигнат 200 000 дози вакцини од „Синофарм“, по што истите ќе бидат дистрибуирани низ земјава.
„Веднаш по пристигнувањето, веројатно тоа ќе се преклопи со велигденските празници, ќе биде дистрибуирана ширум државата и вакцинацијата со оваа вакцина ќе започне во вторник непосредно после завршувањето на велигденските празници“,
изјави Филипче на 23 април.
Во текот на мај, секој понеделник треба да пристигнуваат и по 5-7 000 дози од „Фајзер“. Овој план на испорака, рече Филипче, го добиле од компанијата.