Кинеските вакцини утре ќе тргнат од Пекинг, а во Скопје се очекува да пристигнат на 30 април или најдоцна на 1 мај, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој додаде дека откако вакцините ќе пристигнат во земјава ќе бидат сместени во ладната соба во поликлиниката „Јане Сандански“, а следниот ден ќе се дистрибуираат во сите пунктови за масовна вакцинација во државата и процесот ќе започне по празниците.
Досега против ковид се вакцинирани 53 илјади граѓани во земјава.
Филипче вели дека будно се следи епидемиолошката ситуација во земјата и апелира да се почитуваат мерките за заштита од ковид.
„Подолг период наназад имавме рестриктивни мерки. На почеток полицискиот час, што во еден период даде резултат и кривата се стабилизира, се израмни и после тоа практично беше парабола и сè уште ја имитира онаа крива од ноември. Во моментот кога започнаа да опаѓаат бројките, во тој момент, воведовме дополнителни рестриктивни мерки, со цел процесот да се забрза, да се испразнат болниците. Меѓутоа, имаме предвид дека пред нас се празници, а поучени од искуството од минатата година дека празниците беа еден момент на влошување на епидемиолошката состојба“,
рече Филипче.
Според него, добро е што тоа даде резултат и сега, како што рече, имаме сѐ помал број на заболени, сѐ помал е притисокот на пациенти за прием во болниците и ширум државата и во Скопје и од една во друга здравствена институција. Тој оцени дека овој бран стивнува, но сепак рече дека ја следат состојбата тука и во другите земји.