Како дел од официјалната владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски во Брисел отпатуваа првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и други високи претставници на Владата кои се придружувани од амбасадорката Агнеза Руси Поповска, шеф на Мисијата при ЕУ
По 17 години кандидатски статус Република Северна Македонија денеска во Брисел ги започнува преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
Започнувањето на преговорите ќе биде означено со одржување на првата меѓувладина конференција закажана за 9:30 часот во Советот на Европската Унија, на која како предводник на македонската делегација ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски, соопшти владината прес-служба.
Веднаш по меѓувладината конференција е планирана и прес-конференција во 11:00 часот на која ќе се обрати премиерот Ковачевски.
Според агендата, денеска пред одржувањето на меѓувладината конференција, премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, ќе се сретнат со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и премиерот на Чешка, Петр Фиала, како претставник од чешкото претседателство.
Веднаш после средбата во 9:15 часот се предвидени заеднички изјави.
Во рамките на историската посета на Брисел за денеска попладне е најавено и започнувањето на скринингот за Република Северна Македонија и работен ручек на премиерот Димитар Ковачевски со еврокомесарот за проширување и добрососедски политики Оливер Вархеји, на кој ќе присуствуваат и двете делегации.
Како дел од официјалната владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски во Брисел отпатуваа првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и други високи претставници на Владата кои се придружувани од амбасадорката Агнеза Руси Поповска, шеф на Мисијата при ЕУ.