Во Албанија вкупно дијагностицирани со ковид-19 се 48 здравствени работници, лекари и медицински техничари. Но, како што соопштија албанските медиуми, 32 од нив се излекувани.
„Од синоќа во карантин се 10 здравствени работници, пет лекари и исто толку медицински техничари од персоналот на Клиниката за трауматологија во Тирана. Ќе бидат тестирани по пет дена“,
соопшти албанското Министерство за здравство и социјална заштита.
Тие имале контакт со лице повредено во сообраќајна несреќа што се случила во градот Драч пред три дена, а за кое во меѓувреме било потврдено дека е позитивно на ковид-19.
Пациентот веднаш бил префрлен во Инфективната клиника и моментно е во стабилна здравствена состојба.
Според последните податоци, во земјата дијагностицирани со ковид-19 се 446 лица, од нив 16 деца. Излекувани се 217, а починале 23 лица.