На вториот панел во рамки на Форумот говореа вицепремиерите Артан Груби, Славица Грковска, Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ, кои ги образложија достигнувањата и плановите секој во својот ресор
Карактеристика на оваа влада и владина коалиција составена од СДСМ, ДУИ, Алтернатива, либералите и другите партии дел од коалицијата е стабилноста – граѓаните сакаат стабилност и предвидливост, а не авантури и непредвидливост. Нашата земја има соодветна влада во соодветно време која ја сакаат граѓаните, рече првиот вицепремиер Артан Груби на панелот на Форумот посветен на 100 дена Влада, на кој учествуваа вицепремиерите.
Тој истакна дека оваа влада освен политичка стабилност и евроатлантското патување обезбедила и правилно менаџирање со здравствената и енергетската криза и со тоа успеа да го одржиме социјалниот мир и општествената стабилност.
„Со самото тоа што постои Кабинет за добро владеење се дава посебен фокус на транспарентноста како и на дигиталната трансформација на општеството и оди чекор понатаму во професионалното и отворено функционирање на институциите како сервис на граѓаните“,
рече вицепремиерката Славица Грковска.
Таа укажа дека од 2017 година е направен значителен напредок во однос на транспарентноста.
„Свесни сме дека е можен напредок само ако има соработка со сите институции и релевантни фактори со иста цел и затоа имаме партнерски односи со ДКСК со ДЗР, Инспекцискиот совет и сите учесници во граѓанските сектори со иста или слична цел“,
рече Грковска.
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Битиќи говореше за економските мерки, од покачување на минималната плата, до отворање на социјалниот дијалог со синдикатите и други економски мерки.
„Решаваме последици на различни пречки во системот. 30 години независност на државата се уште немаме систем кој треба да осигура дека инвестициите и капиталните инвестиции непречено да се оствари, како и инвестирање во човечки ресурси“,
рече Битиќи.
Тој рече дека она што го почна во првите 100 дена е патоказ за правецот и за креирање на системски и одржливи решенија, додавајќи дека ова е патоказ и одговор на тоа што ќе се случува следниот период.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ зборуваше за подготвеноста на земјата за членство во ЕУ. Тој ги посочи извештаите за напредокот во последниве години истакнувајќи дека во нив се верификуваат успесите, но и се детектираат слабостите кои ни даваат правец за понатаму.
Тој исто така посочи дека нивото на подготвеност на нашата земја е најголемо во регионот, дури и од Србија и Црна Гора и тука го посочи кластерот „Темели“ каде како што рече стоиме подобро од другите.
„Имаме добра стартна позиција, ни треба можност да почнеме. Нашите евроинтеграции предолго се жртва на билатерални прашања и затоа е битно што поскоро да се затворат тие прашања и да се почне со вистински реформи за европеизација на нашето општество“,
рече Маричиќ.