Државната изборна комисија засега нема став откако висок владин функционер и учесник на изборите ја искористи социјалната мрежа Фејсбук за да промовира политички ставови во време на изборен молк
Вицепремиер во Владата, кој доаѓа од редовите на политичка партија учесник на парламентарните избори, денеска на Фејсбук објави видео од интервју дадено за странски медиум, во кое зборува за теми поврзани со изборите и за новата владата по нив.
„Проблемот“ е што објавата доаѓа во периодот на изборен молк, па се наметнува прашањето дали постапката е дозволена или не?

„360 степени“ прво за мислење го праша вицепремиерот, кој во одговорот што го испрати до нашата редакција посочува дека смета оти не го прекршил молкот со објавата на социјалните мрежи.
„Нема забрана за комуникација со пријатели на социјалните мрежи преку приватен профил“,
вели вицепремиерот.
Побаравме мислење и од Државната изборна комисија (ДИК). Оттаму, во моментот кога ги побаравме, не беа запознаени со објавата. Но, ни посочија дека на седницата кој е во тек може да се отвори ова прашање или да се постави како прашање од страна на новинарите.
Во Изборниот законик, кампањата е објаснета како

„Јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“,
пишува во член 69-а од Изборниот законик.
Со други зборови, социјалните мрежи не се директно споменати во законот, но тие се дел од интернетот а спорната објава е јавна. Сепак, додека ДИК не заземе став, постапката на вицепремиерот може да остави простор и за други „креативни“ толкувања па кампањата да продолжи „скриено“ на социјалните мрежи.
За разлика од обврските на кандидатите и организаторите на кампањите, правилата за медиумите се многу појасни.
„За време на изборниот молк, престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборна кампања“,
гласи одредбата од Изборниот законик.

Но, бидејќи вицепремиерот одбрал странски медиум, тие правила не важат надвор од Македонија.