Во соопштението објавено на веб-страницата на Парламентарното собрание на Советот на Европа по посетата на Белград, сите политички актери, вклучувајќи ги владејачките партии, опозициските движења и претставниците на граѓанското општество, се повикани да се воздржат од провокативна реторика и да избегнуваат однесување што би можело да го загрози мирниот и демократски изборен процес
Изборната кампања во Србија се одвива во високо поларизирана средина што може да ги загрози еднаквите услови за сите учесници на изборите, оцени делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа по дводневната посета на Белград на 12 и 13 октомври. Петчлена делегација беше во предизборна посета на Србија за да ја процени изборната кампања и политичката клима пред предвремените избори на 25 октомври.

Во соопштението објавено на веб-страницата на Парламентарното собрание на Советот на Европа по посетата, сите политички актери, вклучувајќи ги владејачките партии, опозициските движења и претставниците на граѓанското општество, се повикани да се воздржат од провокативна реторика и да избегнуваат однесување што би можело да го загрози мирниот и демократски изборен процес.
Делегацијата очекува властите да им овозможат на набљудувачите на изборите пристап до сите фази од изборниот процес, а од надлежните органи да обезбедат мирна атмосфера во кампањата и околу денот на изборите.
„Националните безбедносни институции мора да се воздржат од употреба на сила или наметнување неоправдани ограничувања на правото на слобода на собирање, кое е загарантирано со Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е Србија“,
се наведува во соопштението.
Се додава и дека за време на посетата на Србија, членовите на делегацијата добиле информации за нееднакви услови за учесниците во кампањата и непропорционално голема медиумска застапеност на владејачката партија.
Според најавите, Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе испрати целосна мисија за набљудување на изборите за да го следи гласањето и броењето на гласовите на 25 октомври 2026 година, заедно со ОДИХР, Парламентарното собрание на ОБСЕ и Европскиот парламент.
