Во описот за случајот се вели дека тој во изминатиот период ја искористил службената положба за недозволено влијание врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири поединечни предмети. Покрај тоа, ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка против биш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Битола поради сомение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание, соопштија денеска од Обвинителството.

Ова следи откако вчеравечер Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) во координирана акција извршија претреси во дом и во службени простории на виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Битола со цел обезбедување дополнителни докази.
Во описот за случајот се вели оти се обезбедени докази кои упатуваат на основано сомнение дека дека тој во изминатиот период ги искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал за недозволено влијание врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири поединечни предмети на подрачјето на кое ја извршувал функцијата.
Покрај тоа, ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка.
Како што соопштија од Обвинителството, случајот продолжува да се испитува, а надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост, како одземање патна исправа и забрана за преземање определени работни активности, односно оддалечување на осомничениот од работното место.
Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори, вчера објавија дека претресите во дом и во службени простории на виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Битола се поврзани со постапувањето во врска со враќањето на пасошот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски.
Во врска со случајот, во јуни годинава Основното јавно обвинителство Струга првично дало негативно мислење за враќањето на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, но по новото барање на одбраната, предметот бил проследен до Вишото јавно обвинителство Битола.
Вишиот јавен обвинител оценил дека со веќе определената гаранција од околу пет милиони евра е отстранет ризикот од бегство и побарал струшкото обвинителство да даде позитивно мислење, по што Основниот суд Струга потоа му го вратил пасошот на Марковски.
