Оттаму наведуваат дека сумата од 250 милиони евра што Владата сака да ја обезбеди не е за враќање долгови, туку за исплата на пензии и плати затоа што нема пари во државниот буџет
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) утрово излезе со тврдење дека Владата на седница минатата недела одобрила ново задолжување на државата во износ до 250 милиони евра.

Задолжувањето, како што се наведува во партиското соопштение, ќе оди преку издавање должнички хартии од вредност на меѓународниот финансиски пазар, а парите што ќе се соберат ќе бидат наменети за поддршка на буџетот.
Според СДСМ, со ова се потврдиле предупредувањата на опозициската партија и нејзиниот лидер Венко Филипче дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не може да ја издржи годината без нови задолжувања.
Оттаму наведуваат дека сумата од 250 милиони евра што Владата сака да ја обезбеди не е за враќање долгови, туку за исплата на пензии и плати затоа што нема пари во државниот буџет.
„Ново задолжување од 250 милиони евра до крајот на годинава. А во 2026 година веќе нема доспеани долгови за враќање. Ова не е за враќање долгови, туку за пензии и плати затоа што нема пари во Буџетот, и секако за криминални тендери“,
се вели во соопштението од Социјалдемократскиот сојуз.
Со ова, додаваат оттаму, јавниот долг ќе порасне на 11 милијарди евра, а со, како што велат, скриените долгови кон Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и другите јавни претпријатија тој надминува 63 отсто од бруто-домашниот производ (БДП).
Од опозициската партија обвинуваат дека состојбата со државната каса е катастрофала бидејќи „дупката“ во буџетот е 900 милиони евра, а онаа во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) изнесува една милијарда евра.
Оттаму го обвинуваат премиерот дека неговите политики не носат економски реузлтати, поради што, како што велат, ги турка граѓаните кон должничко ропство. Посочуваат дека за две години, од доаѓањето на оваа влада, државниот долг е зголемен за четири милијарди евра, што е половина од вкупниот долг на земјата од независноста до денес.
„Ова е уште една потврда на предупредувањата на СДСМ за катастрофалната состојба со буџетот и дебаклот на економските политики на арамијата“,
велат од опозциската партија.
Премиерот Христијан Мицкоски деновите изјави дека до крајот на годината се очекува Буџетот да биде покус за меѓу шест и седум милијарди денари од планираното, поради што се разгледува можноста за уште еден ребаланс.
Како што посочи тој, одговарајќи на новинарски прашања, најголем дел од отстапувањето во буџетот се должи на мерките за одржување на ниските цени на горивата во земјава.
Пратеникот од редовите на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи во интервјуто за емисијата „360 степени“, емитувано на 5 октомври, предупреди дека Владата се соочува со сериозен проблем со ликвидноста, а буџетскиот дефицит веќе го надминал планираното ниво за целата година. Поради ова, рече, е потребен итен ребаланс на Буџетот.
Осврнувајќи се на изјавите од власта дека антикризните мерки направиле дупка од 7 до 8 милијарди денари (околу 130 милиони евра), Битиќи ја оспорува ваквата пресметка. Тој преку конкретен пример за данокот на додадена вредност кај горивата, објасни дека иако владата ја намали стапката на ДДВ од 18% на 10%, поради драстично повисоката цена на горивата, државата во апсолутен износ прибира речиси иста сума по литар.
