Во видеопораката на Фејсбук, лидерот на СДСМ апелира на дисциплина и почитување на мерките
Од нашата одлука дали ќе ги почитуваме мерките за лична заштита или ќе дозволиме да се изложиме себеси на ризик, а со тоа и нашите најблиски и целата наша околина, ќе зависи колку долго ќе трае битката против коронавирусот. Оваа порака ја прати претседателот на СДСМ, Зоран Заев, преку видео што го објави на Фејсбук.
Тој апелира до сите да носат маска или друга заштитна опрема, често миење на рацете и да не се допираат очите, лицето и носот, одржување растојание и да нема групирања, дезинфекција во домот, а особено на работните места.
„Мораме сите да ги почитуваме овие мерки, но и да им укажеме на нашите роднини, пријатели, колеги дека и тие треба да го прават истото. Ако некој во ваша близина не носи маска или ја носи неправилно, укажете му да постапи правилно. Ако некој е преблизу, укажете му ја потребата од физичка дистанца од 1,5 до 2 метри. Само на овој начин ќе го заштитиме сопственото, но и здравјето на нашите најблиски“,
вели Заев во пораката.
Тој потенцира дека ако овие мерки строго се почитуваат, тие даваат резултат и повика на придонес и дисциплина од секој поединец и институција.
„Ова е моментот кога треба да дадеме максимум за да се воспостави контрола врз вирусот. Сме покажале дека во вакви моменти знаеме да бидеме единствени. Знам дека можеме и овој пат и дека ќе успееме“,
порачува Заев во пораката до граѓаните.