Според опозициската партија, станува збор за скандал кој води до тоа дека „за финансиска корист, мрсни тендери се добиваат во полна проценета цена, без намалување, без конкуренција, без економско негативно наддавање, со нереална проценета вредност од град Скопје“
ВМРО-ДПМНЕ го обвини денеска скопскиот градоначалник и кандидат на СДСМ за нов мандат, Петре Шилегов, за местење тендери, со што, според опозициската партија, ја оштетил градската каса, а тој профитирал, односно за четири години го зголемил својот имот за речиси половина милион евра.
Аферата што му ја отворија на Шилегов ја нарекоа „Профитер“ и најавија серија прес-конференции на таа тема во текот на наредните денови, кога, всушност, стартува и кампањата за локалните избори.
„Сето ова ги дава контурите за идна опсежна истрага на јавното обвинителство за тоа како скопски градоначалник за четири години зголемува луксуз и свој имот за речиси половина милион евра. ‘Профитер’ е скандал кој води до тоа дека за финансиска корист, мрсни тендери се добиваат во полна проценета цена, без намалување, без конкуренција, без економско негативно наддавање, тендери со нереална проценета вредност од град Скопје. Аферата ‘Профитер’ ќе покаже огромна веројатност за местење тендери, бидејќи е невозможно да нема заинтересирани фирми за толку економски големи тендери. Невозможно е да нема економско наддавање, лицитација за земање на работата. И трето, невозможно е да бидат постигани суми што се идентични на оние проценетите, бидејќи примери што ќе ги изложиме докажуваат дека при силна конкуренција, проценетата вредност на тендерот, на договорот може да падне дури и десет пати! Така се се сведува на едно – Шилегов исплаќа милионски суми од Скопје на наместени тендери“,
рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој посочи на тендер од 2018 година за изградба, одржување и реконструкција на вело патека, на кој се пријавиле 11 градежни фирми иза кој дури 42 пати е намалувана цената преку електронско наддавање. Но, потоа, како што рече, во наредните три години милионски тендери наеднаш не биле интересни за наддавање, и цените на договорите станале идентични на проценетата првична вредност од град Скопје.
„Се е помал е интересот на фирмите, престануваат наддавањата, трката со цените! Милионските тендери стануваат неинтересни за работа, а крајните договори се речиси идентични на првичната проценета вредност. Тоа води само кон едно: Шилегов, исплаќа милионски суми на наместени тендери. Сето тоа има големи финансиски импликации на буџетот, на грбот на граѓаните на град Скопје. Наместо намалени цени до 50 отсто од понуденото, Петре Шилегов исплаќа суми кои воопшто не се намалени или се намалени за еден или два проценти. Шилегов плаќа милионски тендери за кои градежни фирми ‘магично’ губат интерес за работа’“,
обвини Стоилковски.
Според него, од 2019 досега, тендерските постапки во град Скопје се сведуваат и упатуваат на можно диригирање на фирмите, дали воопшто смеат да излезат на слободниот пазар и дали смеат да се борат да обезбедат работа за своите вработени.