Русија не ја напаѓа Украина само со тенкови, дронови и ракети, туку и со дезинформации, лажни вести и манипулативни наративи во обид да предизвика раздор во општеството, па дури и да го крене народот против власта. Каков е одговорот на Украина, погледнете во репортажата од Киев
Секој Украинец десетици пати дневно го проверува својот мобилен телефон – вест, видео, објава, порака на Телеграм. Во услови на војна, секоја информација не е само информација. Некои се оружје.
Во Украина, војната не се води само на фронтовите на истокот и југот на земјата. Не се води ниту само на житните полиња како што покажавме. Се води и преку екрани, алгоритми и социјални мрежи.

Пристапот на Кремљ е повеќеслоен – од класични сајбер-напади и обиди за пробивање на класифицирани информации од украинските одбранбени институции до нешто многу пософистицирано – влијание врз јавното мислење преку манипулација со емоции, факти и перцепции. За тоа веќе постои и посебен термин – ФИМИ. Странско мешање и манипулација со информации.
Во време кога секој со себе има мобилен телефон преплавен со секакви информации, битката на тој фронт не се добива со војници, тенкови, дронови. Битни се конзументите на информациите и колку тие се подложни на таквото влијание. Тука во Киев одговорот на оваа повеќедимензионална закана е исто така составен од низа слоеви – новинарски тимови специјализирани во разоткривање лажни наративи, граѓански организации кои помагаат во процесот, но и самата држава преку инстутиционалниот одговор.

Една од тие редакции е „Тексти“, онлајн-медиум од Киев специјализиран за дата-новинарство. Нивно истражување ги довело до 21 веб-сајт кои шириле руска пропаганда во Чешката република. Друга длабинска анализа открила координирана кампања против украинското државно раководство.
„Ја пронајдовме таа фарма на ботови на Тик-ток и овде можеме да ја видиме поврзаноста меѓу овие профили. Тие имаат слични имиња, слични кориснички имиња и слични слики, но шират деструктивни наративи против Зеленски. Видовме и како се обидуваат да го кренат народот против владата“,
вели Серхи Михајловск од „Тексти“.
Но, наместо да ги демантираат поединечните лаги, тие се обидуваат да го разберат системот што стои зад нив.

„Ние не се занимаваме со разобличување факти, ние конкретно се занимаваме со истражување на тоа кои наративи се најчести, или кои се нови, зошто се појавуваат, како се шират и, секако, ги проучуваме социјалните мрежи каде што тие престојуваат и се шират, како и нивната специфична природа“,
вели Серхи Михајловск од „Тексти.
Серхи објаснува што подразбира под специфичност.
„Можеме да ги истражуваме не само јутјуб-каналите како извор, туку можеме и точно да објасниме зошто пропагандата користи Јутјуб, како го користи системот за препораки на Јутјуб за да се шири, или како тоа се случува на Тик-ток – какви дупки во системот наоѓаат пропагандата и `деструктивните` креатори таму и како ги користат алгоритмичките системи за да ја промовираат пропагандата“,
објаснува Михајловск.
За британскиот новинар со украинско потекло Петер Померанцев, кој со години ја истражува руската пропаганда, проблемот е многу поширок од она што најчесто го нарекуваме „дезинформации“.
„Зборуваме за пропаганда, за масовно влијание, кое се движи од `активни мерки` – што мислам дека е она на што повеќето луѓе мислат кога велат дезинформации, а тоа е многу специфичен и многу мал дел од тоа, односно мали измамнички кампањи за поткопување на кохезијата и често за таргетирање поединци – па сè до она што отсекогаш беше познато како пропаганда: едноставно обиди за масовно влијание и културна промена. Земја како Русија работи на целиот тој спектар. Затоа, сметам дека дефинирањето на ова поле само како `дезинформации` за мене секогаш беше проблематично; тоа е само еден дел од многу широк спектар на активности“,
анализира Петер Померанцев, одговорен уредник на „Реконинг проектот“.

Померанцев ја користи метафората „сендвич“, повикувајќи се на Игор Шчедрин, еден од најдобрите експерти за руска пропаганда и когнитивна војна во Украина.
„Војувањето е како сендвич… Знаете, месото во средината на сендвичот, тоа е кинетичкиот дел: бомбардирањата, нападите. А потоа когнитивниот дел доаѓа од двете страни. Тој се обидува да постигне многу тактички цели – да помогне во напредувањето, да го поткопа моралот во војската, многу, многу мали тактички цели – а потоа се поголемите цели каде што, во суштина, целото војување на Русија е обид да наметне одредена приказна. Да наметне приказна дека Русија има право да им диктира услови на помалите земји, да ја наметне приказната дека Русија е империја и да ја наметне приказната дека Украина не постои“,
вели Померанцев.
И меѓународната заедница, која од февруари 2022 г. силно застана зад Украина, е инволвирана во справувањето со руското мешање и ширење дезинформации. На пример, британскиот Форин офис, листата од 40 ентитети и лица санкционирани поради вмешаност во оваа информациска војна, овој мај ја дополни со нови 56 актери.
Но, првата линија на отпор останува во Украина.
Од безбедносни причини не ни беше дозволено снимање на локацијата на која се наоѓа Центарот за справување со дезинформации, тело на Националниот совет за безбедност на Украина. Тоа е главната институција на државата задолжена за одбрана во комуникациската сфера. Центарот функционира од 2021-та, што значи дека и пред почетокот на агресијата Украина се соочувала со лажните наративи на Москва.

„Ако зборуваме за Руската Федерација, тоа е пред сè меѓуплатформско ширење. Тие се обидуваат да ги шират своите деструктивни наративи преку јавни изјави, државни медиуми… и тука е потребно да се разбере – ќе направам мала забелешка – дека и покрај тоа што руските државни медиуми се блокирани на територијата на Украина, Телеграм сè уште работи и сите руски медиуми се присутни таму“,
објаснува Кирило Викторов од Центарот за справување со дезинформации.
Тоа е и дел од секојдневниот мониторинг на Центарот – анонимните руски Телеграм канали и обидите да ги локализираат активностите.
„Постои и мрежа на анонимни телеграм-канали наречени `Насамделе` и тие исто така се изградени специфично. На пример, `Насамделе во Одеса` за да влијае конкретно на жителите на Одеса, или `Насамделе во Киев` за да влијае на жителите на Киев. Тие исто така креираат анонимни телеграм-канали кои се позиционираат како `инсајдери`, како божем да имаат одредени извори во Кабинетот на претседателот на Украина, во Генералштабот или во Министерството за одбрана. Тие ја презентираат својата деструктивна содржина како тоа да е информација што им била дадена ексклузивно. Ова е исто така една од тактиките“,
вели Викторов.
Во Центарот велат дека секоја недела регистрираат најмалку по сто таргетирани операции од ваков тип. Нивната логика е речиси секогаш иста.

„Многу е важно да се забележи дека Русите се обидуваат да ги искористат ранливостите што постојат во украинското општество, и тоа не го прават само со Украина, туку и со меѓународните партнери. Ако зборуваме за прашањата за мобилизација, економски проблеми или корупција, тие се обидуваат да ги земат овие проблеми и да ги хиперболизираат за да ги искористат против нас. Исто така, ова вклучува замена на контекстот или нудење манипулативни заклучоци. Тие земаат реална ситуација, нудат манипулативен заклучок и се обидуваат да го всадат тоа во главата на публиката, за публиката да помисли – а, тоа е најлошиот дел – дека самата дошла до тој заклучок. Со ова е многу тешко да се работи“,
анализира Викторов од Центарот за справување со дезинформации.
Но, дури и ако оружјата замолкнат утре, оваа борба нема да заврши. Мирот што го посакуваат и Украина и меѓународната заедница, може да донесе нова „студена информациска војна“.
„Штом ќе настане кинетичка пауза во борбите, ако настане таква пауза, ако има некој нов `Минск 3` или што и да е, тогаш Русија ќе ја насочи целата енергија во хибридниот информативен простор. И можеби ќе биде полесно, бидејќи тогаш исчезнува кохезијата што доаѓа од борбата против нападите со балистички ракети. Тогаш сите поделби во украинското општество стануваат многу попогодни за експлоатација и, што е најважно, партнерите ќе бидат помалку мотивирани да ја поддржат Украина, бидејќи во моментот додека ракети паѓаат врз цркви, европското единство е релативно силно. Во моментот кога тоа ќе престане, Русија ќе им дава економски понуди на своите сојузници во Германија и Франција, па дури и во Полска – полусојузници со кои флертуваат во Полска, а да не ги спомнуваме Бугарија, Словачка, Шпанија и други земји. Во моментот кога бомбардирањето ќе престане и Кремљ ќе биде во позиција да ги игра своите стари игри со финансиски стимулации, прикриено влијание и пропаганда, тогаш нештата стануваат многу потешки“,
анализира новинарот Померанцев.

Оваа проценка се однесува и на Западниот Балкан кој се смета за „меко ткиво“ на руското влијание. Во низа извештаи што влијателни меѓународни организации ги објавија во последните години се предупредува дека Балканот е во нишанот на Кремљ и дека тоа треба да се превенира. Еден пример е истражувањето на Италијанскиот институт за меѓународни политички студии насловено „Факти наспроти фикција – разбирањето за руското влијание на Западниот Балкан“.
Во документот, меѓу другото, се заклучува дека ЕУ мора да го пополни јазот настанат по повлекувањето на САД под администрацијата на Трамп и да ги поддржи локалните организации кои промовираат демократски стандарди и владеење на правото. Аргументацијата е дека без тоа не само што се овозможува руско влијание, туку и појава на проруски автократски системи на Балканот.
Продуцент: Серхиј Солодко
Снимател: Дмитро Глукхaњки
*Оваа сторија е продуцирана во соработка со „The Reckoning Project”, глобален тим на новинари и правници кои документираат, објавуваат и подготвуваат случаи за воени злосторства
