Владината Служба за општи и заеднички работи изградила и оградила улица на диво во центарот на Скопје. Градежен инспектор издал решение за отстранување, но и по неколку месеци, се е по старо. Од СОЗР тврдат дека станува збор за привремено решение
Што значат законите кога токму тие што треба да ги носат и спроведуваат се тие што ги кршат?
За бесправно градење во центарот на Скопје одамна има пријава против владината Служба за општи и заеднички работи, и тоа – за диво изградена улица и диво поставена ограда. Инспектор издал решение за отстранување, но…
„Се уште немаме никаков одговор. Поминати се два и пол месеца оттогаш“,
велат сопственици од соседните парцели.

Директорот на посочената владина институција ем признава дека улицата и оградата се спротивни на Деталниот урбанистички план, ем ги обвинува тие што бараат почитување на законот.
„Мене ме плаши дека целата оваа приказна е политичка приказна“, вели Мирчевски.
вели Мирчевски.
Како институцијата си градела на своја рака, а никој не ја санкционира за тоа?

Во оваа зграда во строгиот центар на Скопје, со која стопанисува владината Служба за општи и заеднички работи или скратено СОЗР, се сместени неколку државни институции. Меѓу нив, на петтиот кат, е и самата СОЗР.
За автомобилите на вработените има подземен паркинг во објектот. Но, она што е спорно е начинот на кој се пристапува до него.
На хартија, според Деталниот урбанистички план за оваа локација, пристапот до зградата на СОЗР е од т.н. адвокатска улица. Во реалноста, пак, влезот е од другата страна. Спротивно на законот, изградена е уличка која преку тротоарот за пешаци излегува на булеварот „Филип Втори Македонски“. Уличката е на диво оградена и со челична ограда, а пристапот ограничен со рампи.

Сопствениците на соседните парцели веднаш го пријавиле случајот – едно, затоа што се крши ДУП-от и второ, затоа што е блокиран пристапот до нивните имоти.
„Еве гледате каква е ситуацијата. Нема пристап до парцелата, не може да пристапи ниту пожарна, ниту Брза помош, ниту со кола да стигнете до сопствениот имот. Така што, очигледно е нарушено правото на пристап, а со тоа и правото на сопственост.Ние заради тоа реагиравме и бараме да се врати во претходна состојба за ние да имаме право на пристап до нашиот имот, тоа е елементарно право“,
вели Бранко Трајковски – сопруг на сопственичка на парцела спроти СОРЗ

Неколку сопственици на имотот спроти зградата на СОЗР поднеле пријава до Општина Центар за безправна градба уште во ноември 2020 година, кога почнало оградувањето на уличката.
„Со кое право тие затвораат пристап до приватна сопственост, ни пешки не се поминува ни со кола, мене стварно не ми е јасно. Овде како што гледате е тротоар и не може од тротоар да се излегува на булевар. Си има пристап од другата страна, каде што исто така има ставено ограда и рампа. Значи, куќата на ќошот е моја, се запали пред некое време, пожарникари не може да дојдат да пристапат. Изгоре цела до темел. Се уште оградата стои. Направија пожарната записници околу пристапот сите тие работи, вртеа одоколу, едвај се снајдоа да не се зголеми пожарот“,
вели Димитрије Јовановиќ – сопственик на парцела спроти СОЗР.

Дури една година по пријавата до Општината и низа жалби до повеќе институции, на 15 октомври 2021 градежен инспектор на терен констатирал дека оградата и рампите се поставени без одобрение. Па, било издадено Решение со кое и се наредува на СОЗР во рок од три дена да ја отстрани градбата, а во спротивно да се пристапи кон присилно административно извршување. Но, на терен, три и пол месеци подоцна, се си е на исто место.

„Поднесовме барање да се постапи по решението, но се уште немаме никаков одговор“,
посочува Јовановиќ.
Зошто ниту СОЗР ниту Општина Центар не постапиле по решението за отстранување на спорните градби?
Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски, вели дека улицата која според ДУП-от треба да е пристапна улица до институцијата, во пракса, не е функционална и дека е неопходна реконструкција. Моменталната слика на терен, вели, е привремено решение, со цел зградата да може да функционира.

„Ние оградата ја поставивме само од еден аспект за да спречиме движење на луѓето, да не направиме недај боже некоја несреќа тука, бидејќи влегуваат службени возила, секој ден имаме посета на амбасадори, така што од тој аспект ја поставивме од времен карактер. Кога ќе дојде реализација на ДУП ние ќе ја тргнеме оградата и рампите ќе ги вратиме онаму каде што се предвидени во проектот“,
вели Мирчевски.
Мирчевски обвинува и дека мотивите на соседите за пријавата за бесправна градба не се поврзани со блокираниот пристап до нивните парцели, туку се политички.
„Ова е веќе инает од политички аспект, сакаат да ја тргнеме оградата и да испаднат тие – еве ние сме посилни комшии. Значи нема проблем, ние ќе ја тргнеме оградата, нема никаков проблем. Нека почнат да градат одма ќе ја тргнеме ако толку им смета оградата. Меѓутоа, улицата таму, тие нема да можат да се движат по таа улица. Прво, нема пристап, таму има косина таму од другата страна каде не може да влезе возило. Ако можеше ние ќе влегувавме од таа страна немаше проблем“,
вели директорот на СОЗР.

Иако признава дека пристапот до зградата е направен спротивно на ДУП-от, според Мирчевски, тоа не значи дека се работи незаконски. На прашањето, зошто не постапи по решението за остранување на градбата издадено од Општината, тврди дека таков документ не видел.
360: Каква порака испраќате порака до граѓаните со ова, како институција што не го почитува законот?
Мирчевски: Прво не е точно дека не го почитуваме законот. Ви напоменав и на почетокот и немојте да ги вадиме зборовите од контекст. Значи, ние поставивме времена ограда, која може да ја тргнеме во било кој момент и тоа не е непочитување на законите.
360: Факт е дека е поставена спротивно на законите.
Мирчевски: Дали е спротивно на законите поставена или не, има институции кои..
360: Кои го утврдиле веќе тоа.
Мирчевски: Го утврдуваат.
360: Го утврдиле.
Мирчевски: Вие велите го утврдиле, јас не сум видел решение дека го утврдиле. Ако вие сте го виделе тоа е друга работа, јас решението не сум го видел. Кога ќе го достават решението ние ќе ја тргнеме оградата и ќе постапиме како што инспекторот кажал.
Дали решението е доставено до СОЗР и кога – од Општина Центар не добивме одговор. Оттаму само потврдија дека решение има и се чека да дојде „на ред“ за извршување.

„Ве известуваме дека овластен градежен инспектор има донесено Решение ИП1 бр. 34-112 од 15.10.2021 година, како и Заклучок за дозвола за извршување со ИП1 бр. 34-112 од 10.12.2021 г. и истите ќе бидат извршени согласно програмата за работа на Секторот за инспекциски работи за 2022 година“,
се вели во одговорот од Општина Центар.
Во кој месец, а можеби и година, спорната градба ќе дојде на ред за рушење, не добивме конкретен одговор. Но, големото прашање што го отвора овој случај е – ако најповиканите за владеење на правото не го почитуваат тој принцип, што останува за другите?