Според ресорниот министер, целта на реформата е да се воспостави поефикасен и поодржлив систем за итен медицински одговор, со скратување на времето за интервенција и унапредување на капацитетите за спасување човечки животи
Владата на предлог на Министерството за здравство ја усвоила информацијата за формирање центар за итна медицинска помош во Скопје, што предвидува одвојување на Итната медицинска помош како посебна институција.

Според ресорниот министер Азир Алиу, целта на реформата е да се воспостави поефикасен и поодржлив систем за итен медицински одговор, со скратување на времето за интервенција и унапредување на капацитетите за спасување човечки животи.
Со формирањето самостоен центар за итна медицинска помош ќе се овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање, побрзо донесување одлуки и подобрување на одговорот на итните повици.
„Одвојувањето на Итната медицинска помош претставува значајна системска реформа насочена кон зајакнување на организациската и оперативната самостојност на службата. Со формирањето самостоен центар за итна медицинска помош ќе се овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање, побрзо донесување одлуки и подобрување на одговорот на итните повици. Предложената реформа не претставува создавање нов систем, туку институционално зајакнување и модернизација на постојната организација за подобро планирање на ресурсите, инвестициите и кадровскиот развој“,
вели министерот за здравство Азир Алиу.
Инаку, како што соопштија од Министерството за здравство, во првата фаза е предвидено издвојување на Итната медицинска помош – Скопје како самостојна институција, а потоа постепено, ќе следува интегрирање на другите служби во рамките на идниот центар за итна медицинска помош.

Реформата, информираат оттаму, се темели на позитивните искуства од земјите во регионот, каде што итната медицинска помош е организирана како самостојна институционална структура. Ова, велат од Здравство, овозможува подобра координација на тимовите, поефикасно користење на ресурсите и воспоставување единствени стандарди за работа и професионален развој.
„Формирањето на центарот ќе придонесе за надминување и на долгогодишните кадровски и организациски предизвици обезбедувајќи поефикасен систем на итна медицинска помош за граѓаните“,
наведуваат од Министерството.
