Предлог-закон за висока раководна служба – тоа е името на текстот со кој Владата смета дека во земјава конечно ќе се избираат директори и други функционери по професионални, а не по партиски заслуги.
Идејата е да се формира нов државен орган преку кој ќе поминуваат дел од огласите за директори, раководители и државни секретари. Досега таа функција ја извршуваше владина комисија, вообичаено составена од самите членови на Владата.
Според владиниот предлог-закон, кој е во собраниска процедура, името на новиот државен орган е комисија за висока раководна служба. За почеток таа ќе биде надлежна за избор на околу 150 раководни позиции за директори и секретари. Исклучок се позициите во судството, обвинителството, безбедноста, дипломатско-конзуларните претставништва, јавните установи, регулаторните тела и општините.
Составот на комисијата ќе се избира во Собранието, по принципот на Антикорупциската комисија, со учество на јавноста. По завршување на постапката, одборот за селекција подготвува листа од тројца најдобри кандидати, а комисијата за висока раководна служба ја доставува до претпоставениот, односно до министерот или до Владата. На крајот, сепак, Владата или министерот имаат дискрециско право да решат кого од тројцата предложени кандидати ќе го именуваат за директор или секретар.
Токму слободата на избор во последната фаза е главната точка на разидување за законот предложен од Министерството за информатичко општество и администрација.
Ресорниот министер Дамјан Манчевски вели дека предложеното решение прави голем чекор кон департизација, но и дека нема држава во која извршната власт го нема последниот збор.
„Почнуваме од врвот, од менаџерите на институциите, раководителите на институциите, кои во основа можат да прават политички притисок врз вработените, да предизвикаат некаков вид политичка искористеност на одредена институција. А апсолутно никаде во светот, ама никаде, не постои влада, земја, систем во кој владата, премиерот или министерот не врши на крајот на денот избор на раководното лице“
вели министерот за администрација Дамјан Манчевски.
За Манчевски ваквиот пристап е разбирлив бидејќи политичките партии добиваат поддршка на избори со програма што им ја нудат на граѓаните. Не е логично, вели министерот, да се ангажираат директори кои би работеле спротивно на програмските определби кои победиле на избори.
„Да не се лажеме, овие органи на државна управа спроведуваат политики. Тие не се некои приватни компании што треба да работат само за интересите на сопствената институција и да не ги интересира што се случува околу нив во општеството, туку треба да ја спроведуваат политиката и програмата на одредена влада. Доколку одреден раководен кадар, менаџер на институција не се согласува, се спротивставува на тие политики, сосема е легитимно самиот да се откаже со политиките на таа владејачка гарнитура“
додава Манчевски.
Предлог-законот го помина првиот филтер во Собранието, во Комисијата за политички систем, но без гласовите на опозицијата. За ВМРО-ДПМНЕ законот е целосно неприфатлив и го нема во ниту една европска држава.
„Собранието е првата фаза, комитет кој ќе биде избран од Собранието, па комисија која е избрана од комитетот и на крај одбор за селекција избран од самата комисија. Фактички, законодавната власт, односно Собранието, ќе има моќност директно да се меша во извршната власт “
изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
На прашањето дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ е задоволна од законското решение што е сега на сила, Мицевски одговори дека сега има поважни прашања.
„Можеби е потребна некоја реформа, не сум размислувал конкретно на таа тема, но 20 дена пред избори, во период кога техничка влада раководи со државата, со цел организација и подготовка на фер и демократски избори, ние да се занимаваме со странични работи кои не се приоритет на државата, од ВМРО-ДПМНЕ нема да добијат поддршка“
додава Мицевски.
Целата постапка што ја предвидува законот не наидува на одобрување и кај дел од експертската јавност. Универзитетскиот професор по административно право Борче Давитковски вели дека таа е пресложена, а на крај, сепак, политиката го има пресудниот збор.
„Со ова ниту непотизмот ниту партизацијата нема да се надминат. Фактички, повторно се сведува на волјата на раководителот или министерот, да одбере еден од тројцата, односно повторно се сведува на политички консензус или со политичка волја ќе се изврши избор“
вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Дополнителен аспект што според Давитковски предложениот закон го прави неспроведлив на терен е праксата на поделба на директорските позиции меѓу владините партнери.
„Особено што ние имаме и други стандарди, услови, мора да биде соодветна правичната застапеност. Што ако нема, а тоа место е дадено на коалициски партнер? Тоа значи дека во недоглед ќе стават в.д. и така коалицискиот партнер ќе си ја истера позицијата четири години, а не ги исполнува условите, иако не е селектиран.“
додава Давитковски.
Со Давитковски не се согласуваат од Центарот за управување со промени, невладина организација која учествуваше во изработката на законското решение. Според Искра Белчева-Ристовска, построгите критериуми при изборот ќе ја прекинат праксата на поделба на директорски места по партиски клуч.
„Министерот навистина на крајот ќе има право да избере, но со самото тоа дека нема да избере само од политички кадри, туку од лица што ги поминале сите проверки во однос на нивната стручност, веќе мислам дека значајно го смалува нивното дискрециско право да постават само лица што ќе служат во исполнување на политичките цели.“
вели Искра Белчева-Ристовска од ЦУП.
Белчева порачува дека тајмингот за ваков закон е одличен бидејќи ќе ја стави на тест која било партија што ќе победи на претстојните избори.
„Која и политичка опција да дојде на власт, ќе има шанса да покаже дека навистина сака да придонесе за департизација и модернизација воопшто на администрацијата, со тоа што ќе почне да ги поставува директорите и секретарите преку овој систем.“
додава Белчева-Ристовска.
Ако има политичка волја до изборите и законот за висока раководна служба помине во парламентот, тоа сепак нема да значи дека тој веднаш ќе почне и да се применува. Од моментот на стапување во сила, предвиден е период од девет месеци за избор и формирање на комисијата.
За спроведување на овој закон се потребни 195 илјади евра, само за првата година. Секоја следна ќе чини околу 163 илјади евра, пари потребни за простории, плата и надоместоци на плата за членовите на комисијата за висока раководна служба и за вработените во стручната служба.