Како што соопштуваат од Владата, оваа дополнителна произведена електрична енергија ќе ја откупува АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) со сопствени средства. Оттаму посочуваат оти одлуката стапува во сила денеска и ќе важи до крајот на месецов
Владата денеска донесе одлука за преземање мерка што ќе биде во насока на обезбедување дополнителни количини електрична енергија кои се планира да бидат обезбедени од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија АД ТЕ-ТО, а ќе ја откупуваат АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) со сопствени средства. Оттаму посочуваат оти одлуката стапува во сила денеска и ќе важи до крајот на месецов.
„Цената по која АД ЕСМ може да ја преземе дополнителната произведена електрична енергија од производителот АД ТЕ-ТО не треба да биде повисока од 170 евра по мегават-час“,
рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во врска со владината одлука.
Како што наведоа од Владата, АД ТЕ-ТО Скопје ќе работи седум дена во неделата во периодот од 5 часот наутро до 1 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати.
„Со преземањето на дополнителните количини електрична енергија ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со парно греење на потрошувачите во Град Скопје и, во исто време, при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија“,
додаваат од Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно на својот Фејсбук профил реагираше оти скопјани се смрзнуваат во текот на викендот затоа што ТЕ-ТО произведува топлина само од понеделник до петок.
„ТЕ-ТО си склучил договор за јануари да продава пик профил од понеделник до петок, а во петок навечер до понеделник наутро не работи бидејќи нема економска исплатливост да произведува само топлина за БЕГ“,
стои во Фејсбук статусот на Мицкоски од пред неколку дена.