Додека таа беше во судот, пред зградата се собраа другарите на момчето кои извикуваа: „Убиецот има име, правда за Бахарин“
Со качулка на главата, 17-годишната девојка, која е осомничена за убиство на 16-годишното момче од тетовско Бањиче, денеска беше донесена во Основниот суд во Тетово.
Како што информира порталот на албански јазик „Тетова сот“, девојката денеска требало да даде исказ пред судија.
Додека таа беше во судот, пред зградата се собраа другарите на момчето кои извикуваа: „Убиецот има име, правда за Бахарин“.
Тие со солзи во очите побараа правда за својот другар.
Основното јавно обвинителство Тетово пред неколку дена потврди дека 17-годишна девојка е осомничена за убиство на една година помладото момче чие безживотно тело беше пронајдено во реката Пена, кај месноста Бањиче во Тетово.
Според Обвинителството, малолетната девојка го извршила убиството со умисла по претходна вербална расправија.
„Осомничената седуманесетгодишна девојка со умисла лишила од живот дете на возраст од 16 години. По вербална расправија во автомобил кај местото викано Бањиче, таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколкупати нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.