„360 степени“ посети пет општини, сите управувани од градоначалници од различни политички партии. На сите тие места поразговараме со граѓаните – пред се што мислат за атмосферата годинава, но и за дилемата – дали и колку вреди да се троши на украсување
И општинските власти ја имаат оваа дилема, па речиси сите имаат различен пристап. Некои изнајмуваат, некои купуваат украси, некои си ги местат сами додека некои воопшто не украсуваат за Нова година
Блескави светилки, други празнични украси и штандови полни со новогодишни производи – ваква е сликата во центарот на Крива Паланка. Како и во минатото така и годинава, во пресрет на Нова година, овој простор наликува на сцена од бајка.

Дали декорациите помагаат за будење на празничниот дух кај граѓаните или станува збор за само уште една редовна обврска на локалните власти.
„Несомнено сето она што како позитивен коментар пристигнува до мене лично во изминатиот период, несомнено Крива Паланка ја прави позитивен пример во државата, затоа што верувајте дека од она што е моја лична перцепција е дека граѓаните се уморни од целокупното сивило што го имаат во државата“,
вели градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Иако временските услови не беа поволни, некои штандови работеа, а меѓу ретките посетители затекнавме и турист од Бугарија.
„Прекрасно е, многу е убаво, навистина многу убаво е направено,“
„Мислам дека и оваа година ќе биде исто како и минатите години, а што фали, па не знам… супер е“,
„Премногу има, премногу… многу е убаво“,
велат дел од граѓаните.

Општина Крива Паланка секоја година преку јавен оглас избира фирма за украсување на градот. Забележливо е дека во последните неколку години тендерот го добива иста компанија – „Линк медиа плус“. Но, ако пред три години од општинскиот буџет за оваа намена се одлеале околу 12 500 евра, во 2023 – 28 000 евра, годинава сумата стигнала до 36 500 евра.
Градоначалникот Сашко Митовски, кој доаѓа од редовите на СДСМ, вели дека оваа компанија редовно доставува најниска цена. Растот на сумата, пак, Митовски го правда со тоа што во минатото дел од парите ги собирале преку донации од иселеници и од приватни компании.
„Оваа година, значително е вредноста на самиот договор поголем од она што било во минатата година бидејќи општината со самата тендерска спецификација, со она што беше барање и потреба на самата општина налага и издвојување на поголеми финансиски средства за новогодишното украсување“,
кажа Митовски.
Дека Нова година е на прагот се чувствува и во центарот на Куманово. Многуте празнични орнаменти ги осветлуваат централното подрачје и главните улици.

Кумановчани се желни за прослава и активно беа вклучени во декорирањето – вели директорот на Јавното претпријатие „Куманово-паркинг“, Андреја Маџовски, кој доаѓа од редовите на ЗНАМ.
„Нашите граѓани уште од првиот ден кога почнавме да уредуваме да не бидам пререален, ама сум, се толку изненадени што јас бев приклучен заедно со мојот тим и ги споделувавме сите моменти, како ќе правиме и што ќе правиме, ги споделуваме мислењата со нив, кои дрва да бидат украсени, каде да ги ставиме елементите, така да беа уклучени во целото украсување и има една позитивна енергија“,
вели Маџовски.

Граѓаните со кои разговаравме се задоволни.
Моментално не е лошо, сите доаѓаат тука поготово навечер со деца, се сликаат горе и тука, не е лошо украсено.
-Треба ли да се одвојат повеќе средства или доволно е?
Па уште малку би било, секогаш е колку повеќе толку поубаво.
Добро е добро е, супер е
-Треба ли уште повеќе?
Треба, играчки, деца и така.
Супер е бе, што те брига добро е…
-Треба ли нешто повеќе?
Не треба.
велат дел од жителите на Куманово.

За разлика од Крива Паланка и други општини кои секоја година најмуваат приватни фирми, Куманово тоа го прави на уникатен начин – јавното претпријатие „Куманово паркинг“ одвојува одредена сума за украси кои ги користат и во наредните години. Директор Маџовски вели дека вака штедат.
„Реално 2 или 3 милиони денари за една голема општина како Куманово можеби не се големи средства, но се реални средства каде што ќе ги дадеме на некој кој ќе ни намести сијалички и украси, ќе ни биде убаво дваесет дена и тоа ќе згасне. Си ги прибираат и тоа згаснува, но ние работиме на друг систем. Ги набавуваме и си остануваат за општината и секоја година, од година в година ќе бидеме се побогати со поголеми украси“,
рече директорот на ЈП „Куманово паркинг“, Андреја Маџовски.

Ништо не може да ја замени атмосферата што ја прави снегот за новогодишните празници. Но, од Општина Гостивар се погрижиле да биде и уште поубаво – боите од светилките ве следат низ целиот град. Елката е во центарот, заедно со други реквизити кои граѓаните ги користат како позадина за фотографирање.
„Многу убаво, фантазија“.
360°: Има граѓани кои се бунат дека општината троши многу пари за украсувањето за новогодишните празници?
„Не се согласувам со тоа мислење, мислам дека е добро, ова не е верска работа, не е општинска работа, ова е за Нова година, нема врска со религијата, децата сакаат, уживаат, зошто да го нема овде, ние одевме до Скопје за децата барем да го имаат во својот град“.
вели жителка на Гостивар.
„Супер, супер , браво за градоначалникот, супер“.
рече друга жителка на Гостивар.

„Супер, супер добро е“.
360°:Дали било лани вака?
„Не, не одамна има 5-6 години“.
360°:Што мислите дали треба овие пари да се наменат за нешто друго?
„Па добро и таа опција може така и ова не е лошо треба и тука да се помогне“.
рече жител на Гостивар.
Украсувањето на градот чинело околу 50 000 евра, платени од градската каса. Бил распишан оглас, но на него се јавила само една фирма. Градоначалникот Валбон Лимани, кадар на „Вреди“, уверува дека можело да се пријави кој сака.
Додава и дека парите се потрошени не за изнајмување украси, туку за купување и поставување.

„Имаше тендерска постапка којашто е во согласност со сите закони на нашата држава, на која се пријави една компанија која ја доби оваа работа. Вредноста на овој договор е некаде близу три милиони денари, но треба да се истакне дека украсите кои се набавени годинава не се позајмени. Сите украси ќе останат во сопственост на Општина Гостивар и истите ќе се користат и други години. Зошто да не и за останатите празници што ги имаме. Неколку години имаше постапка каде се земаа под заем, а пред тоа имаше и тендери кога се купуваа. Со текот на времето и годините истите се амортизираа и не можат да се користат“.
вели градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.

И до Лимани стигнале позитивни реакции од граѓаните, но и од оние кои велат не сакаат да се трошат општински пари за оваа намена.
„Во зависност од гледиштето, голем број граѓани се задоволни од ова бидејќи дава друга празнична димензија на новогодишните празници, нормално има и такви кои не го преферираат ова украсување, но сметаат дека е генерално добредојдено од граѓаните на Гостивар“.
изјави Лимани.
Во скопската Општина Сарај годинава решиле да не трошат за украсување. Градоначалникот Иљас Весељи, кој е од редовите на ДУИ, не најде време за разговор пред камера, но по телефон ни кажа дека Град Скопје секоја година го украсува само главниот пат.

Од нашата обиколка на Сарај, се чини дека Град Скопје се откажал од таа пракса годинава, па во општината нема знаци дека доаѓа Нова година.
Малкуте граѓани што ги сретнавме на ладното време ни кажаа дека се согласуваат да нема украси, а парите да се трошат за други потреби.
„На жителите на Сарај им требаат повеќе патишта, да им ги поправат. Тоа што е најнеопходно нешто. Бидејќи украсувањето за Нова година е трошење пари за џабе“.
рече еден жител на Сарај.

„Не вреди. Подобро да поправат нешто, на пример, некој пешачки премин. Затоа што децата поминуваат овде“.
додаде друг жител на Сарај.
„Подобро за нешто друго отколку за украсување“.
вели жител на Сарај.

Новогодишен базар, музика, маскоти, греено вино и забава за најмалите – во младинскиот парк во Велес стартуваше новогодишниот фестивал „Винтерфест“. Ќе трае до 30 декември, а во програмата се предвидени различни домашни изведувачи и диџеи, кои ќе ги забавуваат велешани во пресрет на празниците.

Настанот се организира втора година по ред, а градоначалникот на Велес, Марко Колев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека годинава немал дилема – забава и новогодишно разубавување на градот се повеќе од потребни.
„Првата година имавме само една елка, имав сериозни реакции од нашите сограѓани дека градот не е украсен, направивме проект со општинската администрација и две години по ред Општина Велес набави светилки коишто се поставени не само во центарот на градот туку и по главната улица. Можам да кажа дека некаде 2-3 километра се украсени сите дрва, младинскиот парк и центарот на градот и мислам дека тоа е на општо добро на сите и граѓаните го прифатија како добра работа“,
вели градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.

Посетителите што ги затекнавме на „Винтерфест“ велат дека Велес заслужува празнична атмосфера.
„Најубав од цела Македонија“,
„Преубаво. Не е за да не го украсиш, ова му требаше на Велес“,
„Мислам дека е навистина убаво. – Некои општини одлучуваат да не трошат пари за украсување, што мислите вие? –Па мислам дека не би требало за вакви денови барем, не треба да се штеди за вакви денови а за другите нека штедат, има многу други работи што треба да се штедат“,
„Па ако веќе не ги украсуваат и не ги трошат парите , да ги искористат за нешто паметно. Мада мислам дека сепак е многу поубаво да се украси“,
велат дел од жителите на Велес.

За украсување Општина Велес оваа година потроши околу 40 000 евра. На огласот за јавната набавка се пријавиле две компании, што значи дека имало каква-таква конкуренција. Тендерот го добила фирмата „Евростил“ од Велес.
„Испроектиравме еден проект кој го работевме неколку месеци и тој беше во две фази заради тоа што беше поголема сума на финансиски средства. Значи пак ќе кажам, светилките остануваат во сопственост на Велес и во наредните многу години ќе ги користи Општина Велес без никаква надокнада“,
додава Колев.
Нашата обиколка на државата покажа дека локалните власти имаат различни стратегии како и дали воопшто треба да се трошат пари за новогодишно украсување.

И покрај тоа што секогаш може да се употребат за покорисни работи, мнозинството граѓани немаат проблем јавни пари да се трошат за добра атмосфера во пресрет на Новата година.