Како најголем проблем го посочуваат начинот на кој им се пресметува престојот во странство, односно тоа што деновите им се бројат како да престојуваат во земјите како туристи
Доколку не се најде решение за нашиот престој во земјите од Шенген-зоната, подготвени сме да одиме до крај и да ги блокираме граничните премини, соопштија транспортерите на денешниот двочасовен протест пред зградата на Делегацијата на ЕУ во Скопје.
„Ќе се организираме да блокираме граници. И при претходниот протест имаше ветувања за решавање на проблемот, но ништо конкретно не се направи“,
рекоа дел од нив на протестот.
Како најголем проблем го посочуваат начинот на кој им се пресметува престојот во странство, односно тоа што деновите им се бројат како да престојуваат во земјите како туристи.
„Бараме престојот да не ни го бројат во денови, туку во часови“,
велат тие.

Како знак на протест поради третманот во земјите на Шенген-зоната, пред зградата на Делегацијата на ЕУ во центарот на Скопје беа паркирани околу дваесетина камиони.
Денешниот протест беше координиран со транспортерите од Србија, Босна и Херцеговина (БиХ) и Црна Гора, каде што истовремено се одржаа двочасовни протести.
